Режисерот Дејвид Линч е и цртач, сликар, скулптор, со формално ликовно образование, чии цртежи, слики, илустрации, графики, скулптури, се во сенката на неговото Големо филмско творештво, иако и продуктивниот контакт со седмата уметност му се случил „случајно“ во тек на студиите на ликовна академија.

Од Бонефантен музејот (Bonnefantenmuseum) во Мастрихт, оцениле дека и тоа како вреди да се види она што Линч паралелно со педесетгодишната филмска кариера го создавал и како ликовен уметник, па поставија негова екстензивна ретроспективна изложба, најголема досега, наречена „Некој е во мојата куќа“ (Someone is in my House), со над 500 дела на уметникот. За изложбата режисерот направил и најава, краток филм во негов типичен стил, во кој „Белиот мајмун“ (ликот од „Откачената дневна временска прогоноза“ (Weird daily weather report)) зборува „назадечки“ како во Црвената соба од „Твин Пикс“:

По поводот, пак, Artnet News направиле интервју со Линч, во кое тој зборува за својот бекграунд како ликовен уметник, за неговите омилени сликари, за авантуристичката желба да студира кај Оскар Кокошка …

Последново следело откако не му се допаднало студирањето на бостонската Школа на Музејот за уметност, па со неговиот другар Џек Фиск (подоцна исто филмаџија), одлучиле да одат во Европа на три години, за да студираат кај големиот австриски уметник. Но, се вратиле за 15 дена …

„Отидовме многу неорганизирано, во Салцбург, каде тој (Кокошка) наводно предавал во негов замок. Но, тој не беше таму и немаше вистинско школо – претпоставувам водел некоја работилница. А Салцбург беше некако премногу чист и навистина сакав да си одам оттаму. Па, најголем дел од петнаесетте дена ги поминаваме патувајќи со Ориент Експрес.“

Во однос на формирањето на неговиот сликарски стил, развиен рано, Линч вели дека најголемо влијание извршил градот Филаделфија, каде живеел од 1966 до 1970.

„Тоа беше неверојатен град тогаш. Беше исполнет со страв, лудило, корупција, пропаѓање, насилство, и многу немир во воздухот. Но, ја сакав архитектурата и тоа чувство во светот на фабрики, на индустрија со оџаци, и зградите што одат со тоа.“

Philadelphia, 2017

На прашањето – зошто и натаму слика кога филмот е супериорен медиум на модерното време, а тој прави извонредни филмови, Линч одговара:

„Зашто тоа е преубаво. На некој начин, сликата станува сѐ поевтина и поевтина и поевтина, и светот е полн со милиони слики. Но, сликањето е уникатна работа. Кога стоиш пред нешто што не е направено на компјутер, тоа е нешто специјално. Како што литографијата е различна од слика испечатена од компјутер. Затоа за мене овие нешта се многу повредни денес отколку што биле некогаш. Работите се случуваат во бранови, и мислам дека филмот никогаш нема да умре, сликарството, литографијата и фотографијата, исто така. Овие медиуми се тука за да останат и се бескрајно длабоки.“

Untitled III, 1999

За улогата/местото на уметноста во светот – за нејзината важност, Линч вели:

„Кога ќе пуштиш вести, таму има политика, временска прогноза и спорт, но нема сегмент за сликарство, на пример. Одвреме-навреме зборуваат за филмот, во смисла на кино благајните или нешто друго што има врска со парите, но процентот од популацијата што е вљубен во сликарството е многу мал. Тоа е толку личен, субјективен свет, и, ако го сакаш, едноставно го живееш.“

Во интервјуто режисерот вели дека филмовите за големите сликари му се прилично здодевни, зашто „она што се случува внатре во сликарот е интересното“.

„Тоа не е нешто што е возбудливо да се гледа. На некој чуден начин, мене дури и не ме интересира многу дали луѓето ќе ги видат моите слики. Јас едноставно сакам да ги правам.“

Takin’ it Down Low Insect is There, 2014

Од филмовите за големите уметници го издвојува само „Винсент и Тео“ (1990) на Роберт Алтман, особено перформансот на Тим Рот кој го игра Винсент ван Гог.

„Приказната за ван Гог е навистина одлична – фактот што никогаш не продал ништо, а сега неговите слики вредат неброено милиони. Го сакам неговиот живот, неговата љубов за сликарството, неговите слики.“

Френсис Бејкон го определува како (можеби) негов број еден омилен сликар, а како уметници што особено ги почитува, во интервјуто ги споменува и Едвард Кинхолц, Џулијан Шнабел, а во однос на атмосферата и сликарскиот квалитет – Едвард Хопер и Лусиен Фројд, додека од скулпторите го наведува Александар Колдер.

Broken Heart, 2013

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here