Последниве три години, рускиот уметник Петр Давидченко преживува исклучиво јадејќи месо од животни убиени од возила на патиштата. Се обидува да постигне „полуавтономен начин на живот, што не зависи од државата“. Неговата дневна рутина е возење велосипед покрај патиштата на кои ги наоѓа и собира мртвите животни, чие месо откако ќе го изеде (или складира за подоцна), другите делови од труповите ги користи за производство на сапуни или крзнени ќебиња.

Моментално е во Италија, каде уметничката организација „a/political“ ја преставува „Millennium Worm“ (Милениумски црв), изложбата на Давидченко во Palazzo Lucarini Contemporary, арт центарот во античкиот град – сега мало место во регионот Умбрија, Треви.

„Давидченко ги реинтерпретира воспоставените социјални кодови преку истражување на културната семиотика. Поставувајќи се себеси надвор од општеството, и без воопшто да троши пари, тој ја критикува претставата за прогресот, живеејќи од животни убиени на патиштата – од машини направени од луѓето“, стои во краткото претставување на проектот на мрежното место на Palazzo Lucarini Contemporary.

Изложбата покрај видео инсталации, вклучува и животински кожи/крзна (од животните убиени на патиштата), растегнати врз геометриски скулптури или послани на подот. Сет од кутии, пак, ја репрезентира архивата во која Давидченко (во простор обезбеден од a/political, во село во јужна Франција) чува делови од животните во фрижидери, како залиха за неговата диета. Тука е и дигитално архивираната хронологија на проектот, со GPS локациите на патиштата каде ги наоѓа животните, како и пишани документи од видот на рецепти и техники за подготвување. Овие снимки, како што вели, се дневник што ја исцртува неговата трансформација во последните три години откако живее „паралелно на модерноста“.

„Само сакав да покажам дека е можно да се егзистира алтернативно, и да се види оти постојат и други опции“. Неговиот проект се развил од интересот за криптовалутите, кои ги гледа како алтернатива на традиционалните економски системи.

„Живеам како токен во крипто-екосистемот. Децентрализиран, полуавтономен и слободен од власта на застарените хиерархии.“

Уметникот вели дека сепак не живее целосно „off-the-grid“ (без пристап до електрична мрежа, водовод и останата комунална инфраструктура), и оти ја користи модерната технологија за да ги документира своите патувања, и индиректно модерните машинерии, односно нивната деструкција која убива на патиштата за тој да може да се храни.

Намената на проектот на Давидченко примарно не била изложбена, туку да се создаде „место за експериментирање надвор од арт маркетот што Петр го користи како простор за транзиција во начин на живот“.

„Јас вака живеам. Јадам мачки каде што живеам – сега сум поканет во Италија и јадам мачки таму. Така егзистирам“.

Најголем предизвик за Давидченко не е изолацијата од „паралелниот свет“ – тој и преферира да живее надвор од човечкото општество, туку прилагодувањето во „големиот свет“, за настани како отворањето на изложбата „Милениумски црв“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here