Тим Клајн (Tim Klein) е софтверски инженер од Ванкувер во сојузната американска држава Вашингтон, кој во слободното време се занимава со „генетски“ инженеринг на сложувалки (jigsaw puzzle), комбинирајќи делови од различни „пазли“ за да креира уметнички „мутанти“.

Неговите монтажи се овозможени од практиката на производителите на сложувалки често да употребуваат исти обрасци на сечење за многу различни нивни производи. Поради ова парчињата на сложувалките се разменливи, па Клајн, како што вели, понекогаш открива дека може да комбинира одредени делови од две или повеќе „пазли“ од ист производител, и да добие надреални слики.

„Многу големо задоволство ми прави „откривањето“ на ваквите бизарни слики кои лежат скриени, понекогаш со декади, во картонските кутии од обичните, масовно произведени сложувалки“.

Како „творец и неоспорен мајстор“ на монтажата на сложувалки, Клајн го наведува мултидисциплинарниот уметник Мел Ендринга (Mel Andringa) кој ја развива оваа форма на уметност над 50 години.

„Со тоа што наместо монтажа, тој (Ендринга) ова го нарекува колаж или мозаик“, забележува Клајн, кој особено сака да меша „пазли“ произведени меѓу шеесеттите и деведесеттите од минатиот век. Досега креирал четириесетина монтажи, а моментално нема ниту едно дело на залиха – сите му се продадени.

Како помош за оние кои би сакале да се обидат со оваа уметност, Тим Клајн препорачува да почнат со две различни сложувалки со иста големина од ист производител и од ист период.

„Мислам дека голем дел од привлечноста на оваа уметничка форма е што и луѓето кои не се сметаат себеси за уметници можат да ја пробаат, зашто материјалите се лесно достапни и не се бара никаква посебна вештина“.

За инспирација, следи галерија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here