Warner Music е прв голем „лејбел“ што инвестира во новиот бран од „креативци“ на алгоритамски погон. Според договорот што го склучиле со алгоритам, односно со музичката апликација со германско потекло, Endel, истата до крајот на годинава треба да испорача дури 20 албуми.

Апликацијата специјализирана за „персонализирани звучни опкружувања“ според потребите на корисниците – дали сакаат да се опуштат или да се фокусираат на работата – досега има реализирано пет албуми, именувани Clear Night, Rainy Night, Cloudy Afternoon, Cloudy Night и Foggy Morning, а сите прилагодени на временските услови и на периодот од денот кога корисникот сака да спие.

Следните 15 албуми ќе опфатат други модалитети, како фокусирање, релаксација, во движење …

„Фокусирани сме на создавање персонализирани и адаптивни звучни опкружувања, додека со задоволство ги споделуваме претходно реализираните албуми за да ја демонстрираме моќта на звукот и на нашата технологија“, вели основачот и извршен директор на Endel, Oleg Stavitsky, кој води мал тим од музичари, дивелопери и научници, кои градат екосистем од апликации за паметни домови, јавни простори, мобилната индустрија и различните работни средини.

„Звукот директно влијае на психофизичката благосостојба, како што „белиот шум“ (вид врева што се создава како комбинација од звуци кои се слушаат истовремено, а сите се со различна фреквенција) го помага спиењето на бебињата, додека релаксирачките звуци го редуцираат стресот и анксиозноста … Endel го користи звукот за да ги усогласи вашите мисли и тела со секоја задача или цел“, гласи краткото објаснување за научната основа на нивните проекти.

Прашањата што се поставуваат откако ќе престане „зуењето“ на оваа интересна вест од аспект на технолошкиот прогрес, се поврзани со евидентното сѐ поголемо намалување на потребата од луѓе дури и кај креативните професии (соодветни пробиви на вештачката интелигенција има во сликарството, пишувањето поезија, сценарија за филм …).

Веројатно нема човек/луѓе-музичари кои можат да се обврзат дека ќе испорачаат 20 албуми за една година, па, ако на издавачите им тргне со високо продуктивните алгоритми …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here