„Рајски тела: Мода и католичка имагинација“ (Heavenly Bodies: Fashion and the Catholic Imagination), била најпосетена изложба во светот во 2018 година, покажуваат резултатите од годишното глобално истражување на посетеноста на изложбите и музеите што го спроведува The Art Newspaper. Оваа изложба на Институтот за костими на њујоршкиот Метрополитен музеј на уметноста, со смелото вкрстување на религиската уметност (вклучувајќи педесетина експонати од сакристијата на Сикстинската капела) и високата мода, привлекла скоро 1,7 милиони посетители (просечно 10.919 дневно), уривајќи го претходниот рекорд на Метрополитен, поставен во 1978 со „Богатствата на Тутанкамон“ (скоро 1,4 милиони).

Спектакуларното враќање на врвот на овој њујоршки музеј (кој последен пат имал најпосетена изложба пред скоро две декади – во 2001, на Вермер и делфтската школа) го потцртува и изложбата на Микеланџело (Michelangelo: Divine Draftsman and Designer), поставена во Метрополитен, која била втора најпосетена во светот лани, со 7.893 посетители дневно. Изложбата која на САД им го обезбедила и третото место по посетеност е на корејскиот уметник До Хо Су (Do Ho Suh), со просечно 7.853 дневни посети, поставена во Смитсонијан музејот на американска уметност (во Вашингтон).

До Хо Су, „Речиси дома“ (Almost Home), во Смитсонијан музејот на американска уметност, Вашингтон

Шангајскиот музеј, пак, бил домаќин на дури пет од десетте најпопуларни изложби во 2018 година, вклучувајќи презентации составени само од колекции од странски музеи. Така, четврта најпосетена изложба во светот лани била „Ремек-дела од Тејт Британија 1700-1980“ (Masterpieces from Tate Britain 1700-1980), која привлекла 7.126 посетители дневно (околу 618.000 вкупно). Целосната листа погледнете ја овде, а заклучок на The Art Newspaper е дека расте интересот за изложби поврзани со модата (имајќи го предвид особено првото место за „Рајските тела“), додека сами по себе се евидентни резултатите од извонредниот раст на интересот за уметноста во Кина.

Кај музеите, пак, рекордна година имал Лувр – и во однос на вкупната посетеност и како домаќин на најпопуларната изложба во неговата историја. Со дури 10,2 милиони посетители во 2018, 226 години старата француска институција е сигурна на првото место, со значајна предност во однос на Националниот музеј на Кина, од Пекинг, со 8,6 милиони посети лани. Изложбата на Ежен Делакроа во Лувр била видена од рекордни 540.000 луѓе во тек на четирите месеци колку што траела (просечно 5.431 посетител дневно). Најголемиот светски музеј на уметноста имал и 26% раст на вкупната посетеност во однос на 2017 – и поради примамливоста на Делакроа, но и благодарение на растот на странски посетители на Париз по доволната временска дистанца за успокојување по терористичките напади во 2015.

Трет по посетеност во 2018 бил музејот со најпопуларна изложба, Метрополитен, со 6,9 милиони посети, пред Ватиканскиот музеј кој е на четврто место со 6,7 милиони (раст од 330.000 во однос на 2017). Британската тројка од петтото до седмото место, со мали меѓусебни разлики во бројките, ја предводи Тејт Модерн (5,86 милиони), па следат Британскиот музеј (5,82) и Националната галерија (5,7), сите од Лондон. Тејт се пласирал пред Британскиот музеј (кој деветпати бил најпосетуван во Обединетото Кралство во годишните истражувања на The Art Newspaper), благодарение на исклучително успешната изложба „Пикасо 1932: Љубов, слава, трагедија“ (Picasso 1932: Love, Fame, Tragedy), фокусирана на само една плодна, „година на чуда“ во животот на уметникот.

Осма е Националната галерија на уметноста од Вашингтон (4,4 милиони), деветти Ермитаж (4,2), а десетти Музејот на Викторија и Алберт од Лондон (3,9).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here