И самото погледнување на глобусот од агол поинаков од вообичаениот може да ни ја подигне еколошката свест, како и да нѐ освести за проблемите што ги произведува непропорционалната дистрибуција на политичката и економска моќ во светот. Ова (како да) го порачува новата скулптура на британскиот уметник Марк Волингер (Mark Wallinger), поставена во кампусот на Лондонската школа за економија (London School of Economics – LSE).

На делото „Светот превртен наопаку“ (The World Turned Upside Down), кое е во форма на гигантски глобус со дијаметар од четири метри, повеќето од континентите лежат на „дното“ на хемисферата. Скулптурата ги тера гледачите да ја преиспитаат својата рефлексна врска со традиционалната Меркаторова проекција на светот (што ја имаме предвид кога географски си ја замислуваме планетата), правејќи ја позабележлива пространоста на океаните и реалната големина на Африка.

„Обединетите нации се авторитетот кога станува збор за имињата и границите. Ова е светот, каков што го знаеме, но од друга гледна точка. Познат, но и чуден, и предмет на промени“, е коментар на Волингер за неговото ново дело.

Во ситуација кога „трагите на империите и на колонијализмот сѐ уште се тука“, инверзијата е клучот за отворање на потребниот дијалог што сега го нема, зашто „луѓето сѐ поцврсто се држат на нивните заземени позиции“.

Од LSE велат дека скулптурата е во нивниот кампус зашто го рефлектира „духот на прогресивните истражувања што ја карактеризираат школата уште од нејзиното основање“.

Директорката на школата, Минуче Шафик (Minouche Shafik), изјавила дека „LSE е посветена на справување со најголемите глобални предизвици преку истражувањата и предавањата, а ова значи да се види светот од различни и невообичаени агли“.

„Светот превртен наопаку“ е дел од поголем проект кој почна претходно годинава, со серија постери поврзани со Брегзит и билборди во Лондон, Бристол, Манчестер и Глазгов.

Британскиот уметник Марк Волингер е најпознат по скулптурата Ecce Homo (1999), и инсталацијата State Britain (2007), за која ја доби престижната Тарнерова награда (Turner Prize). Во тек на целата кариера ги истражува идеите за моќта и авторитетите, особено во смисла на злоупотребите и илузиите поврзани со овие поими, испреплетувајќи го митолошкото, политичкото и секојдневното.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here