И самата, цела – од почетокот до крајот – вистинска приказна за Елизабет Холмс (Elizabeth Holmes) и нејзината компанија Теранос (Theranos) се одвивала како на филмски сет според сите свои карактеристики – со сѐ она што треба да се одглуми и замени со реквизити. Како ја снимил оскаровецот Алекс Гибни (Alex Gibney, добитникот на Оскар за најдобар документарен филм во 2007 со „Такси до темната страна“ (Taxi to the Dark Side)) видовме неколку дена по Американците – на тамошното HBO премиерата беше на 18 март, а овде вчера.

И веднаш ќе кажеме дека режисерот завршил одлична работа, концентрирајќи се на Теранос, и особено на основачката на компанијата, Холмс, за концентрично да го прошири значењето на наодите од документарецот – „Изумителка: Потрага по крв во Силициумската долина“ (The Inventor: Out for Blood in Silicon Valley) низ средиштето на хајтек индустријата и иновациите во јужниот дел од заливот на Сан Франциско.

Теранос (името е кованица од „терапија“ и „дијагноза“) е компанија основана во 2003 од 19-годишната Елизабет Холмс за да го „демократизира“ здравството, така што наместо скапите анализи на крв (особено за американски поим), ќе овозможи евтини тестови преку апаратот наречен Едисон, што луѓето ќе можат да си го приуштат и за дома, и без да треба количина крв што подразбира боцкање во вена, ќе си завршат работа со само неколку капки земени од прст. Идејата на Холмс била дека кога ваквите анализи би биле евтини, луѓето би ги правеле често, и навреме би реагирале во случај на болест, па би се намалиле трошоците за лекови, а и потрошеното би се исплатело зашто терапијата би била ефикасна ако е од почетокот на болеста, со што би се намалила и смртноста.

Ова звучи повеќе од одлично, и би било револуционерно кога Елизабет Холмс би била нешто повеќе од олицетворение на поимот за совршен претприемач според денешните критериуми (особено во Силициумската долина), идолизиран како генијалците кои низ историјата го задолжувале човештвото со својата извонредност во науката или уметноста, а кој всушност продава магла.

Дилемата која останува и по документарецот на Гибни – дали Холмс е само фанатичка која ветувала повеќе од можното зашто слепо, но искрено верувала во својата мисија, или се работи за намерна измама (до 2017 година Теранос потрошил 9 милијарди долари изложувајќи го на опасност здравјето на многу пациенти), се чини ја разрешува моментот кога дефинитивно морала да сфати дека нејзиниот Едисон е многу, многу далеку од она за што се рекламира.

Фикс-идејата на Холмс за која во „Изумителка“ зборуваат експерти кои работеле во Теранос е дека апаратот (Едисон) не смее да биде поголем од компјутерски принтер. На приговорите дека исклучително сложениот и габаритен хардвер потребен за изведување на дури 200 анализи на крв (со оваа бројка бил рекламиран Едисон) не може (со денешната технологија) да се смести во толкав простор (изнудените обиди завршувале со експлозии на центрифуги, откачување на делови, разлевање на крвта …), Холмс одговарала: „Не сте за во Силициумската долина, зашто не сте во состојба да работите со визија“.

А се чини дека (ако гледаме со розеви очила и ја исклучиме можноста за намерна измама) единственото оправдување за и натаму да бутка со визијата/главата во ѕид, толку силно што ѝ поверувале дека ќе успее да го пробие и исклучително искусните Хенри Кисинџер, Џејмс Матис (министерот за одбрана на САД кој неодамна поднесе оставка), Вилијам Пери (уште еден поранешен шеф на Пентагон) – сите тројца биле дел од „ѕвездениот“ борд на директори на Теранос, Руперт Мердок (кој вложил 125 милиони долари во компанијата) …, го наоѓала во мислите/цитатите од видот на: „Направи го првиот чекор верувајќи – не мораш да ги гледаш сите скалила“ на Мартин Лутер Кинг, или „Не пробувај. Направи. Или воопшто не прави“ (слободен превод од „Try not. Do. Or do not. There is no try“) на Јода од „Војна на ѕвездите“. Сите тие огромни пари за нејзината „мисија“ Холмс ги обезбедила само-„хипонотизирајќи“ се со сонот да биде идниот Стив Џобс, Марк Закерберг, Бил Гејтс; и во делот на создавањето бренд од себе успеала, замислувајќи го производот (Едисон) само како возило за да ја доведе дотаму – како кочијата на Пепелашка.

Нејзината идеја е револуционерна, но на начин како што се револуционерни (и неизводливи) идеите на децата, од видот – кога ќе пораснам ќе бидам научник и ќе смислам портал преку кој ќе се патува низ времето.

Немо прашувајќи (во филмот нема наратор кој ќе сугерира интерпретации на виденото) како е можно сите овие проверени „волци од Волстрит“ да паднат на Холмс, режисерот Алекс Гибни погаѓа во центар кога дава кадри од „триумфалната“ фаза на основачката на Теранос (кога „врнеле“ милијарди), веднаш откако ќе чуеме сведоштво на вработен во компанијата дека, на пример, на демонстрациите за инвеститорите на дотичните им била земана крв од прст и ставана на анализа во Едисон, но потоа ги изведувале на ручек или на разгледување на зградата, додека вработени брзо го ваделе контејнерот со крв и го носеле во вистинска лабораторија (во рамките на Теранос!) каде се тркале со времето за да обезбедат резултати според ветениот хај-тек рок. На лицето на Елизабет Холмс и во оваа фаза во која сите верувале дека таа ја носи новата револуција не може да се види нешто повеќе од фанатизам исцрпен во имиџот на über-претприемачка која ги напуштила студиите како Закерберг, носи црни ролки како Џобс, остава впечаток дека намерно си го задебелува гласот за да додаде дополнителна ексцентричност (или авторитативност) на својата и онака необична појава.

На крајот, филмот на Алекс Гибни, иако концентриран на една компанија од Силициумската долина, и на една личност, Елизабет Холмс, дискретно, но јасно го поврзува случајот Теранос со трендот во тамошната стартап индустрија, дека е нормално, а секако вообичаено, да се охрабруваат компаниите да ги лажат инвеститорите во стилот на она што најдобро (поради римата : ) го изразува англиската фраза: „Fake it till you make it”.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here