пишува Александра Ристески

Родена парижанка, Брижит Бардо (Brigitte Bardot), во раната младост е балерина и модел, за по откривањето од страна на режисерот Роже Вадим (Roger Vadim) да се охрабри во светот на филмот. По добивањето на улогата во „… И Бог ја создаде жената“ (1956), станува филмска икона на педесеттите и шеесеттите години. Во 1965 ја добива номинацијата за најдобра странска актерка (што не е од Велика Британија) за наградата BAFTA, за филмот „Вива Марија!“ на режисерот Луј Мал (Louis Malle). Во 1973 година се пензионира и етаблира како активист за заштита на животните.

Оваа филмска легенда е и симбол на еманципацијата на жената, која успеа да го скрши кодексот на една ера; станувајќи жртва на револуцијата за ослободување од дотогашните закоравени правила и норми – презирајќи го сѐ она што би значело традиција, не се воздржала дури ниту од презир кон мајчинството, па инстинктот подоцна го компензирала со енормната љубов кон животните. Отворено зборувала за теми кои се сметале за табу и притоа била често јавно исмевана и напаѓана (што ја довело до обид за самоубиство), а денес истите тие теми ги апсолвираат на долго и широко повеќето француски и европски интелектуалци.

Сепак, она по кое што останува запаметена Брижит Бардо, е нејзиниот секогаш модерен физички изглед и стил на сензуален бунтовник кој го трансцедентира времето, оправдано профилирајќи ја во модна инспирација и 45 години подоцна.

Волуменозната, разбушавена („штотуку станата од кревет“) руса коса, совршено обликувани полни усни и силно истакнати бадемести очи, станаа нејзина најзначајна трговска марка. Атлетската, вита фигура, им пркосеше на дотогашните нагласено женствени и силно заоблени физиономии, успевајќи да ги истисне од модниот тренд. Да не спомнуваме дека, она што се сметаше за маана дотогаш – благо раздвоените предни заби, ББ го претвори во неодолив шарм. Колку изгледот ѝ е сѐ уште модерен зборуваат нејзините look like физички наследнички: Клаудија Шифер (Claudia Schiffer), Ванеса Паради (Vanessa Paradis), Карен Мулдер (Karen Mulder), Кејт Мос (Kate Moss), Летициа Каста (Laetitia Casta), Лара Стоун (Lara Stone), Џорџиа Меј Џегер (Georgia May Jagger), Сиена Милер (Sienna Miller), Стела Максвел (Stella Maxwell), …

Малкумина знаат дека култните балетанки стануваат аксесоар носив и надвор од балетската сала благодарение токму на ББ. За време на снимањето на филмот „… И Бог ја создаде жената“ таа ѝ нарачува на Роуз Репето (Rose Repetto, која претходно дизајнирала чевли за танцување за својот син – балетан) црвени балетанки со мек ѓон. Молскавично, истите стануваат модерни и вон екранот, покренувајќи масовно производство. Следната, 1957 година, уште една стилска икона, Одри Хепберн (Audrey Hepburn), носи црни балетанки во филмот „Смешно лице“ и помага истите да се катапултираат како иконографски дизајн во мејнстримот до денес.

Како борец за ослободување на жената, ББ присвојува парчиња облека од дотогаш забранетиот машки плакар. Па така сивиот, груб, машки џемпер, носен со ноншалантната елеганција на Бардо, станува неодоливо парче облека и must have на модерната жена.

Блузата во риги, некогашната униформа на морнарите, во триесеттите години ја популаризира Коко Шанел (Coco Chanel), а ја прифаќаат Пикасо (Pablo Picasso) Брижит Бардо, подоцна и Готје (Jean Paul Gaultier), и ја претвораат во модно парче карактеристично за Франција. Така и денес стои правилото: „Ако патуваш во Париз или југот на Франција, понеси нешто на риги“. Оваа мода, потоа се пренесува во Америка, благодарение на Марлон Брандо (Marlon Brando), Одри Хепберн, панк бендот „Рамонс“ (The Ramones), Енди Ворхол (Andy Warhol).

И женствените широки фустани и сукњи со висока, истакната половина, и често во летни бои, не ѝ биле непознати на ББ. Белиот, романтичен, чипкаст фустан, кој го носеше оваа стилска икона, доживеа многу свои реинкарнации, меѓу кои најпозната е, веројатно, онаа од ревијата пролет-лето 2011, на модното дуо Долче и Габана (Dolce & Gabbana).

ББ е позната уште по многу други модни изданија, како траките за коса, шеширите, плетенките и т. н. Дури и деколтето со голи рамења е крстенo по неа – Bardot neckline. Сепак, списокот е премногу долг за да го собере во една статија.

За крај, побарав мисли на Бардо поврзани со модата. Очекувано, не најдов, со исклучок на ставовите против носење на животинско крзно. ББ не се затворала во поимот мода. Таа негувала култ на естетското/убавото, кое за среќа прерасна во мода.

Брижит Бардо го потврди правилото дека модата е дел од културата и е многу повеќе од убав фустан. Таа е став, личност, расположение, порака, идеја, обележје на една епоха. Во модата сѐ е дозволено, не е дозволен само невкусот, или како што вели Коко Шанел: „Некои луѓе мислат дека елеганцијата е спротивна на сиромаштијата. Тоа не е точно. Таа е спротивна на вулгарноста.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here