Дејан Мандич работи, што значи и живее на брод крузер, повеќе од 10 години. Поморски го поминал речиси целиот свет, бавно, како што тоа впрочем и се прави со брод, а што во комбинација со неговата исклучителна комуникативност му овозможило да стекне специфично искуство. Ако го наречеме искусен морски волк, ќе мислиме главно на наученото од секојдневната комуникација со илјадниците луѓе кои крстарат на маршути од Америка, преку Европа и Азија, до Австралија.

Првата половина од кариерата на брод работел во компанијата Royal Caribbean International, а втората сѐ уште му трае со Bahamas Paradise, без да го менува одделот во кој почнал – храна и пијалоци, што е многу соодветно за него кој е „заразен“ кулинар. Ни кажа дека компаниите постојано даваат можности за надоградување, преку различни обуки чии трошоци ги покриваат; соодветно и простор за промоции, за растење на вработените во оваа индустрија. Се работи за квалитетни обуки, како типичната за неговиот сектор што се организира во познатата винска калифорниска долина Напа (Napa Valley), каде се обучуваат сомелиери за крузерите.

„Како напредуваш, мора да си обучен и од аспект на управување со човечки ресурси; за тоа како да комуницираш и со гостите, и со вработените, и со претпоставените … Тоа е уште една добра страна – не те обучуваат само за конкретната работа, туку комплетно е покриен профилот на вработениот според неговото место во целиот систем. Можноста за напредување е голема, но, сѐ зависи од тебе. Зашто многу луѓе се задоволни од позицијата што ја добиле на првото интервју и се забораваат таму со години, мислејќи дека ќе им се искомплицира животот ако треба да поминуваат обуки за да напредуваат. А со напредувањето покрај подобрувањата од финансиска страна, се добиваат и други привилегии. Секако, не е доволно само да си заинтересиран за напредување, туку менаџерскиот тим на бродот треба во тебе да препознае потенцијал поради кој би ти се дала можност“, вели Мандич.

Бродовите имаат сезони на оперирање – каде крстарат во одреден период од годината, секако, избегнувајќи ги сезоните на урагани. Еден дел од годината се во Европа, Африка, Азија, Австралија, пред повеќето од нив при настапувањето на поволни услови за пловидба да се преселат и концентрираат на Америка, зашто „Американците се најзапалени за круз-туризмот, што таму традиционално е многу популарен“.

„Последниве пет-шест години и Азија стана многу интересна за компаниите, од финансиски аспект. Поголемите компании таму испратија од своите поголеми бродови; особено им е интересна Кина, иако оперираат и на други места во Азија, но Кина им е база каде ги земаат гостите.“

Меѓу маршутите што ги поминал Дејан Мандич, ќе ја пренесеме онаа низ светот, која ја одработил со Royal Caribbean.

„Тргнавме од Мајами, па преку Бахамите и Бермуда излеговме на отворено море неколку дена, што е многу интересно, зашто заедно се неколку бродови, шест-седум еден по друг – има договор да не пловат сами, односно прекуокеанското преминување да го прават во друштво. Откако стигнавме на португалските острови на средина на океанот, Мадеира, тргнавме јужно – го опфативме Тенерифе, па преку Гибралтар до Ибица; па Барселона, Марсеј, Рим, односно Чивитавекија. Оттука до Истанбул, па продолживме надолу и го поминавме Суецкиот канал и ги фативме Јордан и Израел. Тука беше интересно што менаџментот викна обезбедување на бродот, а и обезбедување со воени чамци поради пиратите. Потоа продолживме до Дубаи, каде останавме неколку дена; па следеше Сингапур, па Хонгконг – секаде се седи по ден-два. Турата е долга 2 месеци – им се остава повеќе простор на гостите да прошетаат. Од Сингапур направиме неколку кратки крузеви од по 3-4 дена, пред да стигнеме во Шангај. Од Шангај како база се оперираше до Тајван, Тајланд, Кореја, Јапонија, Виетнам, Филипините … Ова траеше добри шест месеци, додека не дојде австралиската сезона, за следната половина година да ја поминеме во Австралија. Значи околу Австралија, Нов Зеланд, Тасманија, до Фиџи. Крстарењето ги опфаќа сите австралиски портови, се спушта до Нов Зеланд, од тука до Фиџи и назад – тоа се долги тури од по 18 дена“, раскажа Мандич.

Прекуокеанското преминување бродовите го прават во друштво

Европејците и Американците меѓусебно си тераат шега во однос на тоа што нарачуваат

Иако сме против генерализациите од видот – вакви се Американците, а вакви Европејците, сепак побаравме паушално да ни ги пренесе неговите согледувања за консументската култура кога се во прашање храната и пијалоците на крстарењата, на луѓето по континенти. Зашто ни рече дека има драстични разлики, пред грубо да ги подели гостите на Американци, Европејци, Азијци и Австралијанци.

„Сите се специфични, гледано низ призмата на храната и пијалоците што ги преферираат, во случајов, на брод. Илустрација за Американците е – и тоа во сите делови каде сме оперирале – што можат да нарачаат јадење, бифтек – со Пина колада! Или ќе нарачаат коњак со мраз и со сок од боровинка со вечерата, што нам ни е многу чудно, како на луѓе кои работат во бар индустријата, кои знаат што со што оди. Но, се навикнавме. Така сега за во Америка имаме дури 72 вида Мартини во менито. Ги сакаат „фенси“ коктелите, со илјада бои, илјада вкусови … Мартини еспресо, капучино, чоколадно – црно и бело; со вкусови на боровинка, малина, јагода … што во Европа не би се нарачало никогаш.“

Мандич вели дека од овој аспект Европа е најлесна за работа, зашто без разлика дали гостите се Германци, Французи, Англичани, Ирци, Италијанци, кај нив се знае редот – се пие виски, коњак, вотка, џин, пиво, вино – Мартини, само класичен …

„Два различни света се Европејците и Американците – кога сме ги имале и двете групи на брод, едните со другите си тераат шега во однос на тоа што нарачуваат.“

Австралијанците, пак, на Мандич му оставиле впечаток дека имаат американски менталитет кога е во прашање забавата – „комуникативни се, отворени, немаат „црвена линија“, сакаат да се дружат, да поставуваат прашања – за разлика од Европејците кај кои ја има дистанцата – доаѓаш, ги служиш, и тоа е тоа – нема многу муабет“. Но, доселениците во земјата на Абориџините се како Европејците по вкусот за храна и пијалоци на крстарењата – „не комплицираат многу во однос на нарачките – сакаат едноставни пијалоци – пиво, вино, и „жестокиот бејзик“: коњак, виски, вотка, џин …“.

Како што може да се подразбере од досега кажаното, вработените во баровите на крузерите се „најинтерактивни“ кога гостите се Американци.

„Ги интересира сѐ: од каде си, што си, женет ли си, колку деца имаш … Многу сакаат да комуницираат. Веројатно зашто се навикнати да се доверуваат на психијатри, додека немаат пријатели за таа цел, па си бараат другарче. Може да седат 5-6 саати прашувајќи те за илјада различни ситуации со кои си се соочил во твојот живот, а всушност барајќи решение за некој свој проблем. Американците се воодушевени од вработените на бродовите, зашто, еве, да речеме, персоналот сме повеќе од земји што се сметаат за „трет свет“, што во претставата на просечниот Американец, покрај сиромаштија, подразбира и неедуцираност. Првото е точно, но за второто напротив, многу се едуцирани вработените од „третиот свет“, каде економските околности се такви што натерале доктор да дојде да работи како келнер“.

За Азијците, особено за Кинезите, Мандич раскажа дека не штедат на луксуз, но промет во баровите од нив речиси немало.

„Азијците претежно одат на семејни одмори на брод. Во групи од 10-15 луѓе, од правнуци до прадедовци/прабаби, и меѓу нив е срамно да се консумира алкохол во семејно опкружување, па затоа пијат топла вода или чај. Ако обично дневен промет е околу 70 илјади долари на сите барови на бродот, во Кина беше 3.000 долари за 7 дена. Само чај пиеја, не купуваа пијалок, а прометот го правевме од некои сувенирчиња што ги имаме во баровите – термоси, кригли, што се „мејд ин Чајна“ и надвор можат да ги најдат за 50 центи, а на брод чинат 15 долари. Инаку, Кинезите се многу големи трошаџии – казината работеа одлично. Сакаат да купуваат многу скапи работи и да се коцкаат. Повеќе од брендот им значи цената. А таму има луѓе со сериозни пари. На пример, во Америка, Европа, Австралија, во фришоповите на бродот има и часовници што ние ги сметаме за скапи, како Rolex, Breitling, TAG Heuer, од 2.000 до 5-6.000 долари. Во Кина менаџерите на фришоповите донесоа часовници кои чинеа 50.000, 70.000, 100.000 долари, што е показател сам по себе. Не им беа интересни часовниците до 5.000 долари“, вели Мандич, заклучувајќи дека во Кина на крстарењата доаѓаат многу богати луѓе, за разлика од Америка, каде меѓу редовните гости на бродот на кој моментално работи има и двајца питачи.

„И во Америка има гости од различни економски класи – има соби што се 5.000 долари дневно, а има и за 300 долари цела недела – сега има голем ценовен избор. Но, во Америка имаме и двајца кои питаат на улица, а си доаѓаат еднаш или два пати месечно кај нас. Ние ги знаеме, од Вест Палм се, невработени, чекаат социјално, и кога ќе им дојде си уплаќаат едно или две крстарења. Како редовни гости имаат и попуст.“

Полн ек

Екологија за диверзификација на крузинг бизнисот

Дејан Мандич ни раскажа и како зголемениот фокус на еколошките проблеми во светот ја помогнал диверзификацијата на бизнисот на компаниите што се занимаваат со крузинг. Островите често немаат депонии, па плаќаат за некој да им го земе и однесе отпадот до континентот.

„На многу бродски компании им плаќаат за да го земат отпадот од островите. Многу ги чинеше вградувањето на системи за рециклирање на бродовите, ама и многу брзо им се вратија парите. Откако ќе се земе отпадот од островите, се преработува на бродот, за потоа да се продаде во Америка како рециклиран материјал. Тука се најде многу добра математика – не само што компаниите брзо си ги вратија навистина големите вложени пари во системите за рециклажа, туку со оваа програма си ги покриваат сите трошоци на бродот – покрај 2.000 вработени, тука се и нафтата, струјата, водата, одржувањето …“.

Во еко-делот крузерите нашле начин и да ја ублажат трагедијата на секојдневното фрлање на 60% од храната …

„Оваа храна оди во програма што се спроведува во соработка со некои научни институции врзани со океанскиот свет. Има места во океанот каде освен песок нема ништо друго. Таа храна од бродот што е за фрлање, со специјални цевки се испушта како ѓубриво, за и тука да никне некој жив свет, вегетација“.

Пауза – цигара во едната, наргиле во другата рака

Најголемиот брод на кој работел Дејан Мандич можел да прими скоро 5.000 гости, што е густина на популација која кога ќе се распореди на бродови долги и до 350 метри, произведува и свој, како што вели тој, „бед нејбрхуд“. Само персоналот на релативно малиот брод на кој сега работи (односот гости-персонал во индустријата е 3:1) брои 550 луѓе, од 52 различни националности.

„HR (human resources) тренингот не може да те научи како да комуницираш со сите. Искуството ми покажува дека има моменти во кои треба да се биде внимателен, зашто „врз“ и „на“ не е секогаш исто кога го пренесуваш некому, кој е, да речеме, од некоја друга култура. Има многу Филипинци, Индијци, Индонезијци, а исто така последниве десетина години доста нѐ има и нас од екс-југословенските простори … Одвреме-навреме се наоѓа и по некој Холанѓанец, Французин, Американец, Англичанец, заталкан, авантуристички тип, но тие не седат долго – ретко кој од нив се пронаоѓа во оваа работа. А тој што ќе се пронајде, неретко останува и цел живот во таа индустрија.“

Дејан Мандич дефинтивно е пронајден, или, како што вели, „морето му ја освоило душата“ …

„Имав опција да отидам во Абу Даби – ми дадоа многу убава менаџерска позиција во сериозен хотел. A jас отидов две позиции подолу само за да бидам на брод. Пак го избрав морето. И постојано ги земам како пример пиратите: бродот полн со злато, а тие се сѐ уште на море, за да живеат како што живеат.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here