Познатиот американски концептуален уметник со бугарско потекло, Кристо (Christo) – со цело име Христо Владимиров Јавашев, во 1962 година го попречил сообраќајот низ париските улици, поставувајќи 4 метри висок ѕид/инсталација од нафтени буриња на улицата Висконти, а реферирајќи на изградбата на Берлинскиот ѕид. Истата година направил фотомонтажа на која еден од најпознатите симболи на француската престолина, Триумфалната порта, бил третиран со неговиот „трејдмарк“, односно портата била спакувана/завиткана.

Фотомонтажата од 1962 (Wrapped Public Building (Project for Arc de Triomphe, Paris)

Сега, 57 години подоцна, Кристо вистински ќе го спакува овој познат париски монумент во 25.000 квадратни метри сребрено-сино рециклибилно платно и 7 километри долги црвени јажиња.

Проектот „L’Arc de Triomphe, Wrapped (Project for Paris, Place de l’Étoile-Charles de Gaulle)“ ќе биде поставен/изложен од 6 до 19 април догодина (2020), а тајмингот е поврзан со изложбата посветена на Кристо и неговата сопруга и коавторка Жан-Клод (Jeanne-Claude – почина во 2009 година). Делото заедно ќе го презентираат Центарот Помпиду и Националниот центар за споменици, а во целост ќе биде финансирано од продажба на подготвителните студии, цртежи и колажи за проектот, и други дела на Кристо и Жан-Клод од педесеттите и шеесеттите години. Ова ќе биде прво пакување на Кристо по смртта на неговата животна и професионална партнерка.

Подготвителен цртеж за новиот проект

„Триесет и пет години откако Жан-Клод и јас го завиткавме Пон неф (Pont-Neuf – во 1984 година Кристо и Жан-Колд го реализираа проектот на пакување на најстариот мост на Сена, по 9 години преговори со тогашниот градоначалник на Париз, Жак Ширак), нетрпелив сум да работам одново во Париз, и да го реализирам нашиот проект на Триумфалната порта“, е изјава на Кристо по поводот.

Инаку, паѓа в очи тоа што меѓу најавата и реализацијата на овој проект има само една година, што е невообичаено кога се работи за дела на Кристо (и Жан-Клод), за кои неретко поминуваат и долги години до конечната егзекуција. На пример, нивниот сѐ уште нереализиран проект „Мастаба“, трапезоидна структура што би требало да се изгради од над 400.000 нафтени буриња во пустина во Обединетите Арапски Емирати, на 150-тина километри од Абу Даби, се планира во фази веќе четири декади. Намалена верзија на делото, наречена „Лондонска мастаба“ (The London Mastaba), Кристо лани (2018) постави како пловечка привремена скулптура/инсталација од 7,506 нафтени буриња (висока 20 метри и тешка 600 тони) во езерото Серпентин, во Хајд Парк, Лондон.

The London Mastaba, 2018

Кристо, кој низ кариерата пакувал од мали објекти, како германски дневни весници, до цели острови, е најпознат по пакувањето на зградата на Рајхстагот во Берлин. Иако вниманието на јавноста го привлекуваат главно полемиките во градовите каде уметникот работи, зашто често пакува објекти и простори кои на граѓаните им се светиња, неговата цел е чиста од мегаломанија. Кристо на многу ефектен начин само покажува колку е светот мал, а градацијата од пакување весници до цели острови очигледно ја следи пенетрацијата на глобализацијата, односно згуснувањето на „глобалното село“ – да ја употребиме фразата на Маршал Маклуан, кој меѓу последиците од процесот предупреди и на злоупотребата на новите технологии и медиуми (социјални мрежи) од страна на тоталитаризмот и тероризмот.

Спакуваниот Рајхстаг

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here