Заедно со бавната храна („слоу фуд“), бавната мода која ги презира сезонските трендови, бавното образование и сите други активности и аспекти на културата на кои им се додава епитетот „бавно“ (slow) откако Карло Петрини (Carlo Petrini) во осумдесеттите го почна движењето „Slow Food“, тука е и бавната уметност.

Таа е „официјална“ благодарение на настанот што се одржува еднаш годишно, Денот на бавната уметност (Slow Art Day), првпат одбележан во 2010, а кој годинава е утре, на 6 април. Лондонски Тејт Модерн (Tate Modern), минхенската Пинакотека на модерната уметност (Pinakothek der Moderne), филаделфискиот Музеј на уметноста (Philadelphia Museum of Art), се меѓу институциите што се пријавени за учество во настанот.

„Многу луѓе не знаат како да ја гледаат и (како последица да ја) сакаат уметноста, и затоа се исклучени од неа. Посетителите на галериите често гледаат уметност на нивните „ајпади“ или мобилни телефони, а противотровот за ова е бавната уметност“, вели основачот на Денот на бавната уметност, Фил Тери (Phil Terry).

„Забавеното гледање помага уметноста да се доживее на нов начин, што енергизира наместо да деморализира. Ова ќе ви го разнесе умот!“, тврди Тери.

Ситуацијата е таква, што додека се уриваат рекорди на бројките луѓе кои одат во галерии, посетителите се задржуваат во разгледување на одредено дело одвај 15 до 30 секунди, вели критичарката на уметноста, Сузан Мур (Susan Moore). (27 секунди е просечното време на гледање уметничко дело, според студијата објавена во научната публикација „Психологија на естетиката, креативноста и уметноста“) Причините за ова претрчување низ галериите, без вистински да се види изложената уметност, таа ги наоѓа во потешкотиите при концентрирањето на луѓето во модерниот свет.

Како помош во контекстот, Тејт Модерн нуди сесии на бавна уметност, односно можност посетителите да извлечат што повеќе од уметноста што ја гледаат. Кураторот во „Тејт“, Метју Гејл (Matthew Gale), препорачува кога се гледа едно уметничко дело, да се следи патеката по која уметникот води, подлабоко/подалеку низ платното.

А за истата цел – да го подесат расположението на луѓето на психофизичката состојба за бавно гледање на уметноста, „Кристис“ (Christie’s) и лондонскиот Музеј на Викторија и Алберт (V&A – Victoria and Albert Museum) нудат јога и бањи со звучна медитација пред посетителите да влезат на нивните изложби.

На неблагодарното прашање – колку долго треба да се гледа едно дело – Фил Тери одговара дека пет минути можат да бидат „трансформирачко искуство“. Додека според авторот на книгата-водич, „Како се посетува музеј на уметноста“, Јохан Идема (Johan Idema), не е проблемот во времето поминато пред одредено дело, туку во тоа колкава е поддршката што ја добива посетителот во галеријата во која е. Тој смета дека галериите треба повеќе да работат за луѓето да уживаат во бавната уметност, така што ќе овозможат покомфорно седење, како и експерти „на дофат“ на посетителите, кои ќе одговараат на нивите прашања.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here