„Бескраен проток“ (Perpetual Flow) е првото големо уметничко дело на Хорхе Родригез – Герада (Jorge Rodríguez-Gerada) во Мароко, кое се простира на 37.500 квадратни метри, а е создадено со користење гребла, камчиња најдени на локацијата, 36 тони темен чакал од локален каменолом и растително масло.

Со оглед на габаритноста, реализацијата била помогната од локални асистенти, високотехнолошка геолокациска опрема и дронови.

Делото отсликува вода што поминува низ прстите на две дланки во „бескраен проток“, симболизирајќи го успехот на извонредниот проект на градот Уарзазат (Ouarzazate), сместен јужно од планинската област Атлас, а познат како „Вратата на пустината (Сахара)“, каде се реупотребува отпадната вода за да се создаде зелен појас околу градот што треба да го заштити од песочните бури.

Perpetual Flow

За создавањето на оваа природна бариера се користат иновативни системи за наводнување што ја дистрибуираат прочистената отпадна вода, зголемувајќи го квалитетот на животот на жителите на Уарзазат, кои истовремено добиваат нови простори за рекреација, а и дополнителен мотив да го заштитуваат локалното опкружување и неговиот биодиверзитет.

За пумпање на рециклираната вода од резервоарите се користи „чиста“ енергија генерирана од соларна електрана, најголема во северна Африка.

Делото на Герада е дел од колекцијата од шест уметнички инсталации поставени во различни опкружувања – шуми, пустини, глечери и градови, вклучени во календарот на „Лаваца“ (Lavazza) за 2019, „Добри кон Земјата“ („Good to Earth“).

Токму создавањето уметност која ќе инспирира однесување со почит кон животната средина е поентата што на презентирањето на календарот ја потенцираше неговата кустоска Франческа Лаваца.

Хорхе Родригез – Герада е американски уметник роден во Куба, познат по дела со големи димензии изведени во урбани простори.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here