Како што самиот објави на неговиот блог, познатиот уличен уметник со болоњска адреса, Blu, работејќи повремено последнава година, неодамна го завршил проектот во Рим, во квартот Квартиколо. Делото се надоврзува на една од најпроактивните каузи на Blu, против претворањето на уметноста во луксузна, но сепак стока, од видот на онаа што луѓе ја купуваат за да покажат колку пари имаат – во вулгарните примери со крупно испишано лого/бренд. На муралот на односната зграда во Квартиколо, насликана е, на пример, скулптура што наликува на Давид од Микеланџело, но овде псалмопевецот кој го победил Голијат е „елегантно“ пополнет и накитен со тешко злато – синџири, прстени, часовник; и додека си прави селфи со златен телефон, со златните „Хоган“ (Hogan) патики гази златни монети, лаптопи, таблети, телефони … и „Марлборо голд“ …

Римскиот проект е сработен во најкарактеристичниот стил на Blu, каде главен е цртежот, за сметка на скромната колористичка палета, што овозможува да се засили ефектот на линијата и формата.

Друг аспект на погоре споменатата кауза, уметникот покажа во 2016 година кога цел викенд уништуваше (прекривајќи ги со сива боја) свои мурали во Болоња, насликани во претходните 20 години, протестирајќи поради најавената изложба „Улична уметност: Бенкси и компанијата“ (Street Art: Banksy & Co), што вклучуваше и негови дела, истргнати/симнати од нивните оригинални јавни локации на згради во градот со најстар универзитет во Европа. Декларираната изјава на организаторите на изложбата беше дека намерите им се „спасување на делата од демолирање и нивна заштита од „забот“ на времето“. А организаторите беа Фондацијата Карисбо (Fondazione Carisbo), најјаката локална банкарска фондација, и нејзиниот поранешен претседател Фабио Роверси Монако (Fabio Roversi Monaco), кој е актуелен прв човек на Болоњската Академија за уметност (Accademia di Belle Arti).

Од „само“ уништувањето на Blu на неговите мурали во Болоња, 2016

„Повеќе од кој и да е во поновата историја на Болоња, името Роверси Монако асоцира на моќ, пари, политика … и последични репресивни политики“, гласеше одговорот на Blu. Негов став беше дека „изложбата го легитимира симнувањето на уметноста од улиците, и нејзината комерцијализација преку бескруполозните колекционери“, а ова го овозможуваат „новите болоњски моќници кои позираат како спасители на уличната уметност, откако ги денунцираа и криминализираа графитите како вандализам, откако ја задушија културата на младите кои ги креираа, откако ги евакуираа местата што служеа како лаборатории за овие уметници“.

Во Болоња е на сила активна борба против графитите, преку моделот на соработка на граѓаните и градската власт, односно „кооперативниот општествен екосистем“ во кој граѓаните дејствуваат и така што отстрануваат графити според своја проценка, најчесто не разликувајќи врвна уметност од обични чкртаници.

„Арогантните големопоседници се однесуваат како колонијални владетели, и мислат дека слободно можат да ги симнувааат муралите од ѕидовите. Единствената работа што ни останува како можност е да направиме овие слики да исчезнат“, е изјава на Blu по повод „само“уништувањето на неговите болоњски мурали.

Дела на Blu можат да се видат во повеќе градови низ Европа, САД, Јужна Америка, Израел …, а како влијателни врз неговата работа ги наведува андерграунд и независните стрип цртачи како Роберт Крамб, но испириран е и од фрескосликарство, како и од делата на Гордон Мата-Кларк (Gordon Matta-Clark – американски уметник, еден од најистакнатите од концептуалната практика site specific, на создавање дела кои функционираат во точно одреден простор, каква што треба да биде архитектурата, што не е случајно, зашто Мата-Кларк студирал архитектура).

Следи галерија од римскиот проект …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here