„Креатор на најпрогонувачкиот и иконичен лик во уметноста. Радикален татко на експресионизмот. Норвешки одговор на Винсент ван Гог. Но, кој бил Едвар Мунк?“, е прашањето со кое Британскиот музеј (The British Museum) во Лондон го почнува претставувањето на изложбата што ќе биде отворена на 11 април (до 21 јули), „Едвард Мунк – љубов и растревоженост“ (Edvard Munch – love and angst), амбицирана да ја симне завесата од животот и делата на субверзивниот норвешки уметник.

Во пресрет на оваа најголема изложба на графики на Мунк во Обединетото Кралство во последните 45 години, организирана во соработка со Музејот на Мунк во Осло, кураторката Џулија Бартрам (Giulia Bartrum) вели дека додека на неговото најпознато дело, „Вресокот“, не му треба објаснување – неговиот емоционален интензитет одекнува низ генерациите како симбол на човечката анксиозност, многу малку се знае за неговиот автор.

„Вресокот“, литографија

„Оваа изложба е во голема мера за ставање на „Вресокот“ во контекст – покажуваме каков бил Мунк, кој бил, што се обидувал да направи. „Вресокот“ е само едно дело од секвенца“, вели Бартрам.

Фрлајќи поглед на предвоените Осло, Берлин и Париз, изложбата треба да покаже како новите идеи за лична и политичка независност го засилиле гласот на бунтовниот и гладен за нови искуства Едвард Мунк, кој отфрлајќи го стриктното лутеранско воспитување се препуштил на неконвенционален животен стил. Патувал низ Европа, собирајќи инспирација од боемските кругови и неговите страстни љубовни врски.

Автопортрет

Во Британскиот музеј ќе може да се добие увид во процесот на усовршување на графичката уметност на Мунк, како и да се истражи неговото извонредно творештво.

„Мунковите иновативни техники, смелата употреба на бојата и мрачните теми што резонираат со променливи расположенија, го означија како еден од првите навистина „модерни“ уметници“, пишуваат од Британскиот музеј.

„Edvard Munch – love and angst“ вклучува околу 80 дела – главно графики, а тематски го следи концептот на уметникот „Фриз на животот“. Овој циклус на Мунк на човечки состојби ги опфаќа љубовта и посакувањето, љубомората, осаменоста, анксиозноста, тагата и смртта. На изложбата ќе може да се видат и оригинални матрици, ретко изложувани, кои Мунк ги користел за своите графики.

Вампир II

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here