„Загубениот рај“, 1921

Емил Нолде (1867–1956) долго бил еден од најпопуларните германски експресионисти, но неговата уметност била предмет и на прогон од нацистите кои ја означиле како „дегенеративна“.

Би се рекло, покрај како уметник, покажал големина и како човек, но, неговата биографија низ декадите била „обелувана“, сѐ до пред неколку години, кога документирано се потврди зошто.

„Грешникот“, 1926

Неговиот животопис „реставриран“ од „кречењето“ е предмет на изложбата што се отвора неделава во некогашната железничка станица во Берлин, претворена во музеј на современата уметност (Hamburger Bahnhof – Museum für Gegenwart).

Како што кажавме, уметноста на Нолде нацистите ја осудиле како „дегенеративна“ и ниту еден уметник нема толку многу конфискувани и показно оцрнувани дела на изложбата „Дегенеративна уметност“ од 1937, поставена по наредба на Јозеф Гебелс, со цел да бидат исмеани модерните уметници. Но, на темната страна од својата биографија, Нолде бил ревносен антисемит и член на Нацистичката партија.

Низ многу декади, прво самиот тој, а потоа, по неговата смрт, фондацијата основана за да го менаџира неговото наследство го нагласувала како жртва, прикривајќи го неговото индиректно соучесништво во нацистичките злосторства. Вака било до 2013, кога на чело на фондацијата дошол банкарот кој станал историчар на уметноста, Кристијан Ринг (Christian Ring), кој три години подоцна го призна наметнувањето на „погрешни интерпретации и создавањето легенди без доволно отсликување на контрадикторностите во биографијата на Емил Нолде“.

„Зрели сончогледи“, 1932

„Неговата уметност била, но самиот Нолде не бил прогонуван. Време е да ги ставиме сите карти на масата“, е изјава на Ринг кој им дал околу 25.000 необјавени писма и документи од архивата на фондацијата на историчарката на уметноста, Аја Соика (Aya Soika), од берлинскиот Бард Колеџ (Bard College Berlin), и на историчарот од универзитетот во Кембриџ, Бернхард Фулда (Bernhard Fulda), за да направат независна анализа. Соика, Фулда и Ринг заедно се куратори на изложбата „Емил Нолде. Германска легенда. Уметникот во тек на нацистичкиот режим“ (Emil Nolde. A German Legend. The Artist during the Nazi Regime).

Меѓу она што ќе може да се види во Hamburger Bahnhof музејот ќе бидат и делата кои Нолде ги нарекувал „несликани/непостоечки слики“, што биле погодни за создавањето на легендите околу него. Се работи за акварели од мал формат, на кои наводно тајно работел во времето кога, исто така, наводно, му било забрането да слика, иако последново важело само за јавно изложување на негови дела. Изложбата ќе се осврне и на опсегот на влијанието на симпатиите за „Третиот рајх“ врз работата на Нолде, како во примерите на слики со митолошки жртвени сцени и портрети на Нордијци. На изложбата ќе може да се видат над 100 дела, некои првпат, со референци од напишаното од Нолде и од историскиот контекст на нивното креирање.

„Свето жртвување“, 1940

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here