Иако замислена како критика на патријархатот, монументалната скулптура на Гаетано Пеше (Gaetano Pesce), италијанскиот архитект, дизајнер и скулптор, изработена за Миланската недела на дизајнот 2019, ги разбесни италијанските феминистки, кои сметаат дека истата го овековечува насилството чии жртви се жените. Осум метри високата инсталација, „Страдалничко височество“ (Maestà Sofferente), личи на женско торзо покриено со закачени стрели, врзано со синџир за железна топка (направата што им се врзувала на нозете на затворениците за да им го ограничи движењето) и нападнато од диви животни.

Maestà Sofferente

Скулптурата што треба да го претстави страдањето на жените „поради предрасудите на мажите“, е поставена на главниот милански плоштад, Пјаца дел Дуомо (Piazza del Duomo), за да се одбележи 50-годишнината од иконичната „Up“ фотелја на Гаетано Пеше, која тој ја замислил во 1969 година како „слика на затвореник“.

При отворањето на Maestà Sofferente во неделата (7 април), италијанската феминистичка група „Non Una Di Meno“ (Ништо помалку) организирала протест пред скулптурата, со плакати со слоганот „Ова не е жена“, со текстови на американската феминистичка уметничка група, „Guerrilla Girls“, која се бори против сексизмот во светот на уметноста, и со статистички податок дека во Италија се случува фемицид (убиство на жена зашто е жена) на секои три дена.

„Жената одново е прикажана како инертно тело и жртва, без воопшто да се доведе во прашање актерот на насилството“, е изјава на Non Una Di Meno по поводот, објавена на социјалните мрежи.

Една од верзиите на Up фотелјата

Пеше засега молчи, но како негов одговор би можела да послужи изјавата што одамна ја има дадено објаснувајќи го својот креативен пристап – „Ја сакам убавината полна со грешки, зашто ние сме луѓе. Перфекцијата е за машините. Таа е застарена“ – ако ѝ се прошири контекстот дека и покрај добрите намери, се провлекле „грешки“ во неговото ново дело, поради кои кај одредени луѓе не функционира според планираното.

Кристина Тајани, задолжена за мода и дизајн во локалната миланска власт, која го поканила Пеше да учествува на Миланската недела на дизајнот, Fuorisalone (8-14 април), изјавила дека дебата е добродојдена.

„Позитивно е што жените зборуваат гласно за прикажувањето на нивните тела. Креативниот простор на Неделата на дизајнот е, и мора да биде, место за дискусии за значењето на уметничките дела, а не само аперитив забава.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here