Vernon James Manlapaz прави уникатни надреални 3D анимации, неверојатно реалистични благодарение и на сенките (на објектите што ја нарушуваат компатибилноста на веродостојно виденото и разумот) кои ја следат акцијата беспрекорно поставени на вистинските места, како и на позадинскиот звук од оргиналните секојдневни снимки во кои интервенира. Со кратките видеа што ги постира од Лос Анџелес, каде живее, Vernon има привлечено 155 илјади следачи на Instragram, а аниматорската чивија почнала да му влегува на 4-годишна возраст, во родната Манила, на Филипините, кога првпат со татко му отишол во кино и го гледал „Кралот лав“ (The Lion King).
„Јасно се сеќавам колку бев восхитен од анимацијата, од ефектите и од целата приказна. Овој филм беше еден од главните фактори да посакам да раскажувам приказни изразувајќи се преку подвижните слики“, вели Vernon во изјава за It’s Nice That.
Како дете цртал многу, инспириран од стрипови и аниме, а следното откровение му се случило година подоцна (од искуството со „Кралот лав“), во 1995, кога ја одгледал „Приказната за играчките“ (Toy Story) и бил „оддуван“ од тоа што сѐ со компјутерот може да се (на)прави.
„Сфатив дека не е само за играње игри и пишување зборови, туку и за создавање веродостојни/уверливи светови“.
Студирајќи 3D анимација, Vernon добил стипендија за Ванкуверската филмска школа (Vancouver Film School – VFS), каде поминал шестмесечен интензивен курс за дигитална анимација на карактери, по што почувствувал дека го има материјалот од кој ќе ја гради својата вештина за креирање хипер-реалистични анимации, која кулминирала со изработката на Instagram видеата што од 2015 ги поставува на социјалната мрежа за споделување фотографии и видеа.
„Откако се преселив во Лос Анџелес, во слободното време после работа, истражував со мојот iPhone, интегрирајќи 3D графика во снимениот материјал“, вели Vernon за стартувањето на проектот чија цел е „создавање веродостојни видеа што ќе носат радост, позитивност и релевантност за луѓето кои ќе ги гледаат“.