пишува Александра Ристески

Ова не е музичка критика на наследството на еден од најзначајните пост-панк и воопшто музички бендови на сите времиња; не е обид да се опфати значењето на Џој Дивижн (Joy Division) за светската култура, уметност, музика, поезија – уште помалку да се врами талентот и да се допре до високо сензибилната душа на Големиот (Grande) Иан Кертис (Ian Curtis). Кон Џој Дивижн и наследството на Иан Кертис, пристапувам водена од сопственото доживување, емоција, значење и спознание, имајќи го постојаното чувство на недоволност и недоизреченост.

Текстот ќе го почнам со цитат од објава на еден ФБ пријател, Светислав Павловиќ: „Епископот Јован Чулибрк (еден од најголемите интелектуалци на овие простори), вели: Љубовта кон литературата претставува праисконска жед за знаење, која никогаш не може во целост да се исцрпи. Од тоа време останува и фасцинацијата со Joy Division и Ian Curtis. Нешто космички умре со неговата смрт“, …

… 18 мај. 1980 година… Нешто космички умре со неговата смрт … Вулканот Света Елена еруптирал, предизвикувајќи ја една од најголемите природни катастрофи во поновата историја; како Космосот да се побунил кога оваа егзистенцијалистичка душа решила да дигне рака врз себе, на само 23 годишна возраст.

Светислав Павловиќ понатаму продолжува: „Мислам дека тогаш, поп културата каква што ја познававме заврши. Фредрик Џејмисон во „Постмодернизам: културната логика на доцниот капитализам”, вели дека секој нов медиум мора да ја помине целата историја со цел да го заземе своето место и да дојде на сцената со можност да ја рециклира својата историја. Поп културата, за само дваесет години од појавата на рокот, до појавата на панкот и новиот бран, успеа да влезе во фаза во која ќе биде способна да се занимава со сопствената историја. На тоа тло, се појави Иан Кертис, млад човек со 1000 години бреме – историја на својата душа.“

На видео снимките и фотографиите од изведбите на Иан Кертис, може да се види дека од многу аспекти, тој бил само обично, високо и слабо момче, во тесни фармерки, од работничката класа на Маклсфилд, Манчестер, под силно влијание на Iggy Pop, David Bowie, Sex Pistols … ; но, кој на многу начини ги надминал свoите идоли.

Младиот дух на бендот, провејува во енергичните песни како: „Interzone“, „Digital“ „Leaders of Men“. Дух кој истовремено е клаустрофобичен, параноичен, чувствува дека е заробен во сопствената кожа, затворен во некој меѓупростор, кој се бунтува против општествената реалност, востановените норми, авторитарната контрола, архитектите на законот и т. н.

„Илјада зборови искажани гласно,

доведи го глупавиот да ја залажува толпата“

(Thousand words are spoken loud,
reach the dumb to fool the crowd)

Уште од најмлада возраст нурнат во книгите, Иан Кертис се профилирал себеси како интелектуалец, наградуван поет, за кој зборовите, како што сведочи неговата сопруга Дебора Кертис (Deborah Curtis) во биографската книга: „Допир од далечина“ (Touching from a Distance), имале големо значење. Тој умеел со саати да ги анализира делата на Достоевски, Кафка, Вилијам Бароус, Џ.Г. Балард, Гогољ, …, чие влијание е очигледно во неговите текстови, како и референците кон нивните дела во насловите од повеќето песни на Joy Division.

Она со кое сите ќе се сложат, е дека кај Иан нема фол, нема кокетирање со публиката, нема наместено шоу. Тој излегува на сцена, со целото свое битие, и почнува да крвари, од секој орган. Брутално искрен и сиров во текстовите, кои имаат тон на лична исповед, Иан е таков и кога танцува. Слободно препуштајќи се на ритамот, неговите движења потсетуваат на епилептичен напад, или во крајна истанца на некој кој со танцувањето се обидува да остане жив. Во „Shadowplay“, чувствувајќи се неразбран од публиката, истата ја споредува со: „…атентатори, групирани во четири реда, кои танцуваат на подот, со мирис на ладен челик од нивните тела … ги оставив да те искористат за нивните сопствени завршетоци… (слободен превод).“

(As the assassins all grouped in four lines, dancing on the floor,
And with cold steel, odor on their bodies mad a move to connect,
But I could only stare in disbelief as the crowds all left. I did everything, everything I wanted to,
I let them use you for their own ends)

Благословен со безброј дарови и таленти, Иан пројавил мисионерски порив (потврден и во психијатријата како појава кај луѓето со силно либидо), уште во тинејџерските години, па како резултат на истиот бил волонтер во службата која работела со социјално ранлива категорија на граѓани. Од тој период му е и инспирацијата за песната „She’s lost control”, за девојка која има епилептични напади и која на крајот ја загубува битката со болеста.

Со натпросечна емотивна интелигенција, Иан Кертис, освен личната, егзистенцијалистичка борба на неприпадност, неприлагоденост, ја носел во себе болката на целиот свет, во кој страдањата се иманентни на неговата паднатост, а материјалното изобилство го следи духовната сиромаштија. Сострадателноста се отсликува и во песната „The Eternal“, инспирирана од монголоидно момче, кое живеело во близина на Иан и на кое му било забрането да ја напушта куќата. Многу години подоцна Иан се вратил во Маклсфилд и случајно го видел ова дете, кое изгледало исто, како да не пораснало. Неговиот универзум сѐ уште биле куќата и градината.

Во „Atrocity Exhibition” е опишано лудилото на изложување на затворениците, кое билo популарна атракција во тоа време, како одењето во ЗОО градина. Морбидноста на лудилото е одлично доловенa со африканскиот транс ритам, кој е следен од застрашувачкиот звук на дисторзијата на гитарата:

„…Уточишта со широко отворени врати

Луѓето плаќаат да ѕирнат внатре

За забава тие го гледаат неговото тело како се грчи

Со погледот тој вели: јас сѐ уште постојам…“

(Asylums with doors open wide,

where people had paid to see inside,

for entertainment they watch his body twist

behind his eyes he says, ‘i still exist.’)

Преминот од првиот албум „Unknown pleasures“, кон вториот и последен албум, „Closer“, на Joy Division, можеме да го наречеме Blue Division. Неприфаќањето на неподносливата леснотија на живеењето

„…People like you find it easy
Naked to see, Walking on air…”

го води во сѐ подлабока депресија Иан, и истата е потпомогната од превземената вина за неуспехот на сопствениот брак

„…Different colors, different shades
Over each mistakes were made
I took the blame…”

како и од засилените, застрашувачки епилептични напади, поради кои биле прекинувани настапите на бендот.

Обвивката на „Unknown Pleasures“ – икона – дизајнерски манифест

Како и Достоевски, високо сензитивниот Иан успеал да ги спознае најфините, најсуптилните жици на човечката душа и да ги преточи во стих и музика. Но, за разлика од писателот, овој боготражител,

„…Чекав водич да дојде и да ме поведе за рака …“,

не успеал да го види Бог, што неминовно го довело до состојба на

„…го имам духот, ги изгубив чувствата“.

Стиховите на Иан не го оставаат да замине во тишина („Don’t walk away, in silence“), туку одѕвонуваат гласно, како: „Tишината, која ја оставаш да ѕвони на најсилно“ (“listen to the silence let it ring on”), во срцето на секој човек – не само на оној кој се бара себеси, кој е збунет за светот, кој е распарчен од Љубовта („…Love will tear us apart again…”), чие битие е растресено до последниот атом – туку, пред сѐ, на секој трагач по Убавината која ќе го спаси светот и живо ќе ја почувствува во сировиот звук на музиката на Joy Division; и уште со првиот риф на бас гитарата на Питер Хук (Peter Hook), смирувачкиот звук на Бернард Самнер (Bernard Sumner) кој како да го празни (наместо да го полни) просторот; магнетизмот што го произведува на тапаните Стивен Морис (Stephen Morris), и на крајот, гласот, виртуозното пеење и стиховите на Иан, што го доведуваат духот во рамнотежа, го враќаат секој атом на своето место, отворајќи директен линк до Изворот, го катапултираат духот кон она што се нарекува Есенција на постоењето.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here