Се сеќаваме – оние од нас кои паметат од пред ерата на интернетот – дека кога ќе нѐ заинтригираше, на пример, после одгледан филм неговиот режисер, барањето дополнителни информации за него беше процес што одеше преку допрашување до некој поискусен филмофил, пребарување по часописи, правење прибелешки за да не се загуби дознаеното …

Но, денес, во ерата on-demand, трпение се нема – и не мора да се има, зашто сѐ што нѐ интересира го наоѓаме за пар секунди, и, што е најважно во контекст на овој текст, врз база на добиените информации за одреден режисер (како во горниот пример), можеме веднаш да провериме каков рејтинг имаат другите негови филмови, па за неколку минути (во зависност од брзината на интернетот и соодносот „сидери/личери“) да ги симнеме преку торенти тие што ќе ни „фатат око“.

Повод за темава ни даде изјавата на познатиот германски режисер Вернер Херцог (Werner Herzog: „Into the Abyss“ (2011), „Grizzly Man“ (2005), „Nosferatu“ (1979), „Aguirre, the Wrath of God“ (1972)), дека во одредени околности ги поддржува луѓето кои ги пиратираат неговите филмови.

Во тек на мастер класот во рамките на Visions du Réel, интернационалниот фестивал за документарен филм што се одржува во Швајцарија (5-13 април 2019), каде било прикажано и неговото последно остварување „Meeting Gorbachev“, Херцог заклучил дека „пиратеријата се покажала како најуспешна форма на дистрибуција низ светот“.

Трејлерот за последниот филм на Херцог, „Meeting Gorbachev“

Неговата условна поддршка за оваа илегална практика важи само во случаите кога го отвора светот на уметноста за нова публика, која или нема пари за легално стримување на прикажувачките платформи или живее во услови на државна цензура.

Како што објави ScreenDaily, Вернер Херцог по прашањето се изјаснил одговарајќи му на украински продуцент, кој на мастер класот рекол дека до филмовите на Херцог успевал да дојде само преку нелегални веб-страници за торенти.

„Ако не можеш да дојдеш до филмовите преку Netflix или државно спонзорираната телевизија во твојата држава, тогаш оди и „освои ги“ како пират“, одговорил Херцог, сепак додавајќи дека во принцип е против пиратеријата, зашто „сака да заработи некоја пара“ од своите филмови.

„Но, ако некој како тебе краде мои филмови преку интернет или како и да е, тогаш, во ред, го имаш мојот благослов“.

Во истиот разговор, Херцог ги пофалил и платформите за стримување поради тоа што ѝ даваат пристап до неговите филмови на нова публика:

„Сега можеш да ги најдеш на интернет, на Amazon, на Blu-Ray или DVD, или можеш да ги стримуваш. Многу сум среќен поради ова, зашто одеднаш повеќето од барањата или опсервациите ми доаѓаат од 15-годишници кои ме бомбардираат со прашања како – зошто не можеме да го гледаме овој или оној филм?“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here