Уметноста и културата го претекнале земјоделството според придонесот за економијата на Обединетото Кралство, покажуваат резултатите од истражувањето на Arts Council England, од каде стравуваат дека натамошните кратења во секторот (култура и уметност) можат да го загрозат идниот раст.

Како што е соопштено на претставувањето на студијата во чии рамки е квантифициран придонесот на уметноста и културата кон бруто домашниот производ (БДП) на Обединетото Кралство, од овој сектор во економијата дошле 10,8 милијарди фунти во 2016 година (последната година за која биле направени пресметки), што е за 390 милиони фунти повеќе отколку во претходната 2015 (земјоделството и ловот 2016 година ја завршиле со придонес од 10 милијарди фунти).

Студијата испраќа порака до властите во Лондон со податокот од извештајот дека дури 74% од организациите што се занимаваат со уметност се погодени од кратења на парите од државните фондови. На презентацијата, првиот човек на Arts Council England, Николас Серота, ја пофалил прилагодливоста и посветеноста на театрите, галериите и другите односни организации, кои напредувале и покрај постот во однос на државните пари. Како најголем предизвик за секторот, Серота ги навел кратењата по налог на локалните власти, од кои најпогодени се библиотеките и музеите, и фалејќи ја енергичноста и креативноста на организациите за да дојдат до нова публика и други извори на финансирање, изјавил оти „доаѓа моментот кога не се може понатаму без инвестиции, па и локалните и националните власти треба да најдат начин да ги овозможат истите“.

„Премиерката изјави дека е готово со штедењето, со испосништвото, но тоа очигледно сѐ уште трае за уметноста, и се надевам дека ќе видиме некои промени и тука“, изјавил Серота.

Извештајот покажува дека секторот уметност и култура придонесува со 2,8 милијарди фунти преку оданочувањето, и оти вкупно од него во Министерството за финансии на Обединетото Кралство, вклучувајќи ги вработувањата и синџирите за снабдување, заедно со споменатите 10,8 милијарди директен придонес, се влеваат околу 23 милијарди фунти.

„Ова покажува многу стабилен раст на секторот култура и уметност во целосната економија. Тој расте многу побрзо од остатокот од економијата“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here