„Секоја гарнитура на власт мора да поседува морална обврска за негување на културното наследство на својата земја, и безрезервно да изнајде начин за издвојување финансиски средства за реализација на суштински проекти што трајно ја отсликуваат и натаму ќе ја рефлектираат убавината низ призмата на автохтоната култура, создавајќи ги и одржувајќи ги овие проекти и за идните генерации како вредни траги на постоењето, на континуитетот на културата“, вели уметникот кој е директор на Националната установа Конзерваторски центар – Гостивар, Илбер Зулфиќари, во интервјуто што со него го направивме по повод денешниот Меѓународен ден (18 април) на спомениците и локалитетите, познат уште и како Светски ден на културното наследство

Патем: Што може да понуди една национална институција од културата, во град во внатрешноста на земјата, во услови на силна централизација во Скопје?

Зулфиќари: Националната установа Конзерваторски центар – Гостивар е „новоформирана установа“, во 2008 година, чија дејност е зачувување на културното наследство. Самото име конзервација подразбира реставрирање, одржување, чување и заштита на културните знаменитости. Конзерваторскиот центар од Гостивар може да понуди голем спектар на културно наследство, и тоа од древно време, преку ранохристијанската, османлиската, социјалистичката, па сѐ до неомодерната архитектура.

Во високо развиените земји свеста на населението за културното наследство што го поседуваат е на високо ниво и се вложуваат големи финансиски и човечки ресурси за зачувување и промоција на истото. Но, тоа се постигнува со тим на ентузијасти, стручни лица од својата област, мотивирани од националната свест, на целата популација на тие земји, за големото значење на културното наследство. Корените на сите култури се темелот на кој стои и се гради општата гордост на населението на државата. Секоја гарнитура на власт мора да поседува морална обврска за негување на културното наследство на својата земја, и безрезервно да изнајде начин за издвојување финансиски средства за реализација на суштински проекти што трајно ја отсликуваат и натаму ќе ја рефлектираат убавината низ призмата на автохтоната култура, создавајќи и одржувајќи ги овие проекти и за идните генерации како вредни траги на постоењето, на континуитетот на културата. Во нашето општество, пошироката јавност не е во целост запознаена со богатството што го поседува. Можеби и оваа транзициска ситуација која нѐ следи години наназад довела до степенот народот да се грижи единствено за својата финансиска егзистенција.

Важен дел на идентитетот на еден град е културното наследство, а такво во нашиот град е симболот на градот – Саат-кулата изградена во 1728-29 од Исмаил Ага, а во тој комплекс е и медресето и саат-џамијата. Исто така, беговата куќа и куќата на Ахмет Чако.

Проектот на НУ Конзерваторскиот центар – Гостивар за комплексот Саат-кула

Меѓу другото, под заштита на нашата установа е и Црквата Св. Димитрија (1840 год.), на која извршивме конзервација, санација и реставрација оваа година, и за која е направена и видео презентација.

Мапата на туристичките атракции годинава ја прошируваме и со археолошкиот локалитет Ѓеновичко кале, црквата Св. Никола во Горна Ѓеновица (1900 год.) , џамијата во с. Симница (1870 год.) и селската архитектура во с. Бродец – гостиварско.

Патем: Кога би имале можност да влијаете на културните политики на државата – на Министерството за култура, што би биле вашите приоритети?

Зулфиќари: Во моето долгогодишно искуство како уметник секогаш сум се залагал за јаки државни установи, и како приоритет во моето залагање би ја вратил почитта кон државните институции визави културните установи, галерии, центри за култура и т. н. Со други зборови, сметам дека зајакнувањето и децентрализацијата на културните установи ќе ги истакне професионализмот, индивидуализмот и, што е најважно, уметноста.

Патем: Како би се претставиле како уметник, и ви дозволуваат ли обврските на директор на НУ „Конзерваторски центар“ во Гостивар да се реализирате и како сликар?

Зулфиќари: Јас сум мултидисциплинарен уметник – работам сликарство, вајарство, графика, стрип и сценографија. Во сликарството последниот циклус го насловив „Стварање“ – во техниката масло на платно, во големи формати. Од вајарскиот дел во Гостивар и гостиварско имам три монументални скулптури; во графиката главната техника ми е акватинта, а последнит циклус „Piece of land” (Парче земја). Активен сум на меѓународни и домашни колонии и изложби.

Како и секој човек вклучен во денешниот динамичен живот, кому многуте обврски не оставаат доволно простор за професионално реализирање, така и мене, како семеен човек, обврските како директор на НУ не ми дозволуваат и толку многу да се посветам на сликарството и уметноста во целост. Но, и покрај сите други ангажмани, сепак одвојувам време и за сликање. Кога не ми останува време за сликарство, соодветно задоволство добивам и од работата во Конзерваторскиот центар, бидејќи е институцијата во делот на уметноста, каде придонесувам за културното наследство на нашиот град.

Патем: Што ви го привлекува вниманието од домашните/светските случувања во културата во последно време?

Зулфиќари: Фасцинира, а истовремено и мотивира посветеноста и ангажираноста на Франција, на светот, на самото население околу новонастанатата состојба на катедралата Нотр Дам. Би можеле да учиме како треба да се однесуваме со она што ни е оставено и што ние треба да го оставиме на идните генерации.

Проектот на НУ Конзерваторскиот центар – Гостивар за црквата Св. Димитрија

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here