Изложбата „Хилма аф Клинт: Слики за иднината“ (Hilma Af Klint: Paintings for the Future), е официјално најпосетена изложба во 60-годишната историја на музејот Гугенхајм во Њујорк (Solomon R. Guggenheim Museum). Делата на шведската уметница привлекле над 600.000 посетители од отворањето на 12 октомври (затворањето е на 23 април), го зголемиле за 34% членството на музејот, а продадени се и над 30.000 каталози од изложбата, со што е надминат претходниот рекорд на Гугенхајм, поставен со каталог за изложба на Кандински.

Ова со Кандински има и симболичка важност во приказната за аф Клинт, зашто, иако се многу неблагодарни ваквите сведувања, самиот „татко“ на апстрактната уметност за прва апстрактна слика (во смисла на модерната уметност) сметал свое дело од 1911 година, а шведската уметница ги задоволила критериумите (според одредени историчари на уметноста) да го демантира, со свој егземплар насликан 5 години претходно, во 1906.

Хилма аф Клинт

„Хилма аф Клинт (1862-1944) почнала да создава радикално апстрактни слики во 1906 година, ослободени од каква и да е препознатлива референца на физичкиот свет. Ова се случувало години пред Василиј Кандински, Казимир Малевич, Пит Мондријан … да направат слични чекори за ослободување на нивната уметност од реалистични содржини. Но, додека повеќето од нејзините попознати современици објавувале манифести и биле масовно изложувани, револуционерните слики на аф Клинт останувале невидени“, стои во текстот со кој Гугенхајм Њујорк ја претставува изложбата на своето мрежно место.

Хилма аф Клинт ретко ги изложувала своите дела, веројатно сметајќи дека тогашниот свет не бил подготвен соодветно да ги прими. Дури и одредила да не бидат изложувани додека не поминат 20 години од нејзината смрт.

Родена во Стокхолм, дипломирала на тамошната Кралска академија на уметностите, и набрзо стекнала репутација на вешта сликарка изложувајќи фигуративни дела. Но, она поради што е значајна дошло подоцна, како резултат на, во меѓувреме, нејзиното длабоко навлегување во спиритуализмот и теозофијата, тогаш популарни во одредени интелектуално-уметнички кругови во Европа и во САД.

Од „фигуративната фаза“

Под директно влијание на мистиката настанала првата нејзина голема група од главно апстрактни дела, „Сликите за храмот“ (The Paintings for the Temple). Произведени меѓу 1906 и 1915 од спиритуалистичката практика на аф Клинт како медиум, овие дела претставуваат обид за артикулација на мистичните видувања/виденија на реалноста. Во годините по „Сликите за храмот“, уметницата продолжила со натамошно апстрахирање од физичката реалност во нејзината уметност, кога и ги создала некои од нејзините најценети дела.

Изложбата во музејот Гугенхајм е прва голема самостојна изложба во САД посветена на Хилма аф Клинт, со фокус на годините на пробивот, 1906-1920.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here