Поради „белата чума“ снемува цели градови, да не зборуваме за села, а уште повеќе за нематеријалното културно наследство што е во кодот по кој се ѕида идентитетот на еден народ. Затоа, повеќе од потребно е да се поддржат ентузијастите како Бојан Петковски, кој вчера (19 април) во Музејот на македонската борба го промовираше проектот „Лазарице“ – филмувана реконструкција на женските обредни поворки од етничкиот предел Долни Полог. Во контекстот, пофална е поддршката што проектот ја добил од Министерството за култура, како дел од годишната програма на проекти од национален интерес во 2018 година.

Бојан Петковски

Неспорна стручна тежина на „Лазарице“ ѝ дава тоа што Петковски го надградил неговиот силно видлив ентузијазам со соодветно средно и високо образование – во државниот Музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски – Луј“ на насоката за традиционална музика и игра, односно на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на катедрата за етнокореологија, каде е апсолвент со највисок просек.

Петковски во 2014 година почнал со теренски истражувања и проучувања на стручна литература за етничкиот предел Долни Полог, за во следните години да ги репродуцира акумулираните податоци во повеќе различни тематско-содржински проекти, пред во 2018 да одлучи да ги заокружи резултатите од темелното истражување со филмувана реконструкција на обред.

„Во обичаите и обредите е накалемена традицијата како највистинит одраз на еден народ и на едно време. Реконструкцијата значи одново реинкарнирање на одреден настан кој во целост ќе биде идентичен на некогашната изведба“, рече Петковски во својот говор на промоцијата, по обраќањата на промоторите – професорите Владимир Јаневски и Родна Величковска.

Тема на вчера промовираната филмувана реконструкција се обредите и обичаите поврзани со христијанскиот празник Лазарева сабота, прославуван на специфичен начин во селата од Долни Полог. Конкретната традиција е сѐ уште жива, како што објасни авторот на „Лазарице“, Бојан Петковски, кој очекува неговиот краток филм да придонесе истата во иднина да биде вброена во заштитеното нематеријално културно наследство.

Изненадување за публиката на промоцијата беше што веднаш по проекцијата на филмот, во салата ефектно влегоа „актерките“ – лазариците, во автентични традиционални носии, и ја испеаја односната обредна песна.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here