„Уметноста се случува овде: Архивска поетика на интернет уметноста“ (The Art Happens Here: Net Art’s Archival Poetics) е изложба што вклучува шеснаесет дела создадени низ историјата на интернет уметноста (= нет арт), во различни форми – веб-страници, софтвер, скулптури, графики, книги …, давајќи простор да се согледа интернетот како социјален процес, материјална инфраструктура и доживеано искуство.

Изложените дела во „Новиот музеј“ (New Museum) на Менхетн, во Њујорк, се селектирани од „Нет арт анотологијата“ (Net Art Anthology) на Rhizome (организацијата посветена на уметноста на новите медиуми, односно на современата уметност поврзана со дигиталните технологии и интернетот), што е, пак, голема онлајн изложба од сто дела кои го исцртуваат можниот канон за нет артот.

„Антологијата“ е резултат на темелен претрес на интернет архивите спроведен со уникатното искуство од историјата на мрежната култура што го имаат експертите на Rhizome, чија цел е презентирање и зачувување на автентичните породи на дигиталната уметност.

Името на изложбата (The Art Happens Here) доаѓа од дијаграмот од 1997 година на уметничкиот двоец MTAA, што цели да покаже дека уметничко дело во контекст на нет артот не е нешто што може да се види на екран, туку производ на интеракциите на корисниците.

„Едноставниот нет арт дијаграм“ на MTAA

Создавајќи нет арт во контекстот (на интеракциите, на креативните можности и влијанија на вмрежувањето), уметниците коментирале и важни историски настани, како во случајот на „Слепата точка“ (Blind Spot) на Miao Ying, што е кинески речник со 2.000 поими избелени со коректор, а кои биле цензурирани за некој кој се обидувал да ги пребара на Google во Кина во 2007. Интернет уметницата (Miao Ying) сакала да предизвика свесност за цензурата во Кина, зашто „луѓето таму не сфаќаат што е цензура – за нив таа е само забелешка на дното на страницата“.

„Слепата точка“ на Miao Ying

Во „Материјална шпекулација: ИСИС“ (Material Speculation: ISIS) на Morehshin Allahyari, се реконструирани во форма на 3D-испечатени модели, артефакти од Ирак уништени од страна на „Исламската држава“ во 2015 година. На почеток Allahyari ги изложувала сите од овие модели, но престанала кога увидела дека публиката на Запад не ја фатила поентата – ехото од изложувањето низ историјата на западните музеи на артефакти од ширум светот кои биле украдени или запленети во тек на колонијализмот. Сега уметницата изложува SD мемориска картичка на која се снимени сите податоци за моделите, а која е запечатена во еден модел, кој останува за показ.

Од серијата „Материјална шпекулација: ИСИС“ на Morehshin Allahyari

Тука е и проектот „Garlic=Rich Air“ (2002) на Shu Lea Cheang, што е интерактивна онлајн игра на тргување и перформанс во кој лукот функционира како валута во замислена посткапиталистичка иднина …

„The Art Happens Here: Net Art’s Archival Poetics“ трае до 26 мај, во New Museum, Њујорк.

Од проектот „Лук за дигитални добра“ (2002) на Shu Lea Cheang

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here