Adam Pesapane, познат под псевдонимот PES, е режисер и аниматор со номинација и за Оскар – за најдобар краток анимиран филм во 2013 со неговиот „Fresh Guacamole“. За мајсторството во стоп анимацијата во 2016 му беше оддадено признание и со номинацијата за Еми за рекламата „Paper“, за Honda.

Последното од PES во делот на адвертајзингот е сработено во креативно проникнување со производителот на пивото „Corona“ и организацијата што ги адресира еколошките закани во однос на океаните, „Parley for the Ocean“.

Темпирано за Денот на планетата Земја (22 април), во краткиот филм „The Fish“, „прилагодлив“ галеб се изложува на смртен ризик полакомувајќи се за „роботизирана“ риба склопена од пластика што морето ја исфрило на брегот.

Ова за да се фрли дополнителна светлина на фактот дека пластичниот отпад во морињата е главен фактор за смртта на околу 100.000 морски цицачи и желки годишно, додека околу 90% од морските птици имаат пластика во стомаците.

„Горд сум поради можноста да ја употребам мојата платформа како филмаџија за да ја подигнам свесноста за овој проблем“, е изјава на Adam Pesapane.

Како човештво, како цивилизација, очигледно не правиме доволно, најверојатно зашто не сме доволно свесни за критичноста на ситуацијата, а тоа мора да се смени, вели PES.

Од адвертајзинг агенцијата „Wieden+Kennedy Amsterdam“, што го оркестрирала проектот, како евидентен доказ за нашата несвесност за димензијата на проблемот, додаваат дека „8 милиони тони пластичен отпад и натаму влегуваат во океаните секоја година, што е еквивалентно на еден камион секоја минута“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here