Актерот Ивица Димитријевиќ во саботата (20 април) накратко се врати од Швајцарија, по речиси двомесечен работен престој таму, за во мај одново да отпатува за нови изведби на претставата „Незабележливите“ (Die Unscheinbaren), која својата премиера и прва реприза во Луцернскиот театар ја имаше на 17, односно 18 април. Не ја пропуштивме можноста да поразговараме со него за новиот, швајцарски проект, на кој одново соработува со австрискиот драматург Кристијан Винклер (Christian Winkler), кој кога е во својство на режисер (како во случајот на „Die Unscheinbaren“) го користи псевдонимот Франц фон Штролхен (Franz von Strolchen).

„Претставата ги истражува стереотипите. Како ние ги гледаме луѓето, „различните“ од нас, кои ги проценуваме само врз база на лицето, на местото од каде доаѓаат, брзо и кратко(видо). Структурата е како од крими/гангстерски филм од деведесетттите – драматуршки е, на пример, како „The Usual Suspects“ (1995) (кај нас преведен како „Приведете ги осомничените“), а реализацијата е филмско-театарска; театарска, но со доста снимање. Тоа што се случува сега, во моментот, го играме во живо пред публиката, а она што претходно се случило, ретроспективите, исто така ги играме во живо, но се снимаат со камера и ѝ се проектираат на публиката“, ни раскажа Димитријевиќ.

Во претставата е искористена идејата на таканаречениот white van speaker scam (измамничка шема за продажба, во која купувачот е наведен да верува дека за багатела добива премиум производ, н.з.). Ваквите измами секаде низ светот ги изведуваат ситни „криминалци“, кои на своите потенцијални жртви им се продаваат (и им продаваат) благодарение на способноста да влеат доверба, да одглумат чесност. Оттука, во „Незабележливите“ се проблематизира тоа што „во време на биометриски податоци, технологија за идентификација/препознавање врз база на лицето (Face ID), и „спијачки ќелии“, граѓаните се сведени на пресметани површини“, и се прашува – „зарем не го прави тоа и нашиот потсвесен впечаток што нè води до проценка на карактерот на друго човечко битие?“

„Ние, четирите лика од претставата, ги обучуваме луѓето. На публиката на претставата ѝ правиме работилница за white van speaker scam. Работиме за компанија за испорака, но, сме смислиле начин како да заработиме повеќе после работното време, бидејќи ни се малку парите од платата. На еден од нас му текнало: зошто да не обучиме повеќе луѓе, па од продажбата да делиме 50:50 со нив. Значи, публиката кога ќе влезе на претставата доаѓа на „воркшоп“. Поединечно, секој од ликовите има своја приказна – тие не се криминалци, иако глумат такви – што ја раскажува во претставата. Мојот лик (го носи моето вистинско име, како и другите три лика) е балканец кој отишол таму зашто сака да направи филм. „Што мислите вие, дека дојдов да работам во оваа компанија за да се збогатам?! Не, ми требаат пари за да снимам филм“, ова го кажувам во претставата, а конкретно сакам да снимам филм за Бетмен. На потсмевањето од другите, одговарам дека од „бетменот“, што ќе го снимам без регулирани авторски права, во Warner Bros ќе видат дека ме бива и ќе ми дадат да направам „вистински“ филм за заштитникот на Готам Сити. Унгарката, пак, која сака да прати некои пари дома, признава дека работела и во порно индустријата – стереотипот за Унгарците … Германецот бил студент по филозофија, а тука е зашто го интересира психологијата, и за да ги истражи, ги доведува луѓето до границата на пукање на она што сакаат да им го презентираат на другите како претстава за себе. Четвртиот лик е, исто така, Германка, која е единствената што има вистински проблем со мафија, односно, реален контакт со подземјето. Таа е единствена која не сака да ги прави измамите, а со нас е само поради нејзиниот план да ни украде пари за да врати долг кон вистинската мафија – различна од нашата квази банда која импровизира, несмасна во целиот процес.“

Како што ни кажа Димитријевиќ, драматургот/режисерот темелно го истражувал Дерен Браун (Derren Brown), англискиот менталист и илузионист, кој го репоставувал и Милграмовиот експеримент, „и ние имаме еден мал дел, своевиден омаж на овој експеримент во претставата, за тоа како луѓето продолжуваат да извршуваат одредено дејство само зашто тоа го бара некој авторитет, и кога знаат дека дека некој (кој го трпи дејството, н.з.) страда, само зашто некој во бел мантил им вика – продолжете, не се грижете, ова е експеримент.“

Трејлер за „Die Unscheinbaren“

Во „Die Unscheinbaren“ главно се користи германски и англиски јазик, со делови и на македонски и унгарски, а постои опција претставата понатаму да ја видиме и овде, на пример, на некој фестивал од видот на МОТ (Млад отворен театар). Новите изведби во Луцерн почнуваат на 3 мај, и ќе траат во текот на односниот месец.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here