Двајца италијански експерти за Леонардо да Винчи ќе побараат ДНК тест на прамен коса, за кој се претпоставува дека му припаѓал на ренесансниот гениј. Праменот бил најден во приватна колекција во САД и првпат ќе биде изложен во Museo Ideale Leonardo da Vinci во Винчи (родното место на да Винчи) од 2 мај, на 500-годишнината од смртта на големиот уметник, архитект, изумител …

„Преку Атлантикот најдовме прамен коса историски означен како „Les Cheveux de Leonardo da Vinci“ (на француски: косата на Леонардо), и овој извонреден реликт ќе ни овозможи да ја продолжиме потрагата за веродостојно истражување на ДНК-та на да Винчи“, стои во изјава на директорот на музејот, Alessandro Vezzosi, и на претседателката на Меѓународната да Винчи асоцијација, Agnese Sabato.

Vezzosi е италијански критичар на уметноста, експерт за Леонардо да Винчи, автор на стотици изложби, публикации и конференции за да Винчи и ренесансата, како и за современата уметност и дизајнот.

Agnese Sabato и Alessandro Vezzosi

„Овој историски реликт – прамен коса – долго останувал скриен во една американска колекција, а сега ќе биде изложен првпат, заедно со документи што го докажуваат неговото француско потекло“, изјавил Vezzosi, кој заедно со Sabato во 2016 објави дека идентификувале прекината линија што водела од полубратот на Леонардо да Винчи, Доменико, до 35 машки потомци кои главно живеат/живееле во регионот Тоскана. Истражувањето траело цели 43 години (почнало во 1973), а во отсуство на автентични остатоци од да Винчи, за целта детално биле анализирани документи од Италија, Франција и Шпанија. Меѓу можните потомци на да Винчи се нашол и големиот режисер Франко Зефирели (Franco Zeffirelli: „Romeo and Juliet“ (1968), „Jesus of Nazareth“ (1977), „Hamlet“ (1990)), роден во Фиренца, Тоскана.

„Реликтот е она што ни требаше за да му дадеме дополнителна научна тежина на нашето историско истражување. Планираме да спроведеме ДНК анализи на реликтот и да направиме споредба со живите потомци на Леонардо да Винчи, како и со коските најдени во гробовите на уметникот“.

Имено, според Sabato, истрагата на ДНК-та на да Винчи може да ја разреши и контроверзата што се однесува на „посмртните останки од гробот во Амбоа, Франција, за кои се претпоставува дека се негови“.

Леонардо да Винчи прво бил погребан во црквата св. Флорентин во Амбоа, Франција, но по подоцнежното уништување на објектот, посмртните останки биле префрлени во помалата црква на св. Хуберт, исто така во замокот во Амбоа, но досега само се претпоставува дека му припаѓале на да Винчи.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here