Кога отидовме во ателјето на Жарко Јакимовски за да го направиме разговорот од кој произлезе овој текст, таму се затекнавме со колекционер дојден да избере и купи слики од уметникот. Заедно со можноста убаво да разгледаме повеќе дела од различни периоди на продукцијата на Јакимовски – ова проследено и со драгоцени, лаконски коментари на авторот, ни стана јасно дека изборот на колекционерот беше тежок, во истата мера колку што не можеше да биде погрешен. Зашто буквално во сите слики на Жарко Јакимовски се гледа доследноста на неговата, ќе ја наречеме теорија, за тоа што го прави едно уметничко дело големо, и способноста бескомпромисно да ја пренесе на платното.

„Патот што трае половина век, секојдневно до денеска, е перманентно истражување врз база на искуството собирано од делата на големите мајстори … Тоа е една дисциплина, во која на крајот доаѓа најважното – каде сум јас, мојот ракопис, белег, знак … Нема потреба да докажувам колку знам да сликам – тоа се гледа – со сликата не можеш да лажеш … Кога сликам сум изолиран од сѐ, со максимална концентрација, додека имам енергија, снага, физички и психички“, се акценти во контекстот, од разговорот со уметникот.

Додека студирал на Академијата за ликовни уметности во Љубљана, Јакимовски директно, како од професори, учел од големите словенечки уметници Габриел Ступица (1913-1990) и Јанез Берник (1933–2016), кои ги опиша како „врвни мајстори од познатата традиција на љубљанската школа, од кои можеше, пред сѐ, да се научи цртежот како дисциплина“. А „индиректно“, особено низ студиски престои во Холандија, Франција, Германија …, го образувале големите мајстори на светската историја на уметноста …

Својот професионален животопис, Жарко Јакимовски накратко ни го раскажа вака:

„По дипломирањето во Љубљана се вратив во Скопје (1974), и еден период кога имав проблем со простор за работа, со ателје, ги поминав скоро сите манастири низ Македонија – од Бигорски, па Свети Архангел Михаил во прилепски Варош, каде сликав на чардаците … Во источна Македонија, во Свети Јоаким Осоговски, 2-3 месеци заедно сликавме со покојниот Глигор Чемерски. Потоа се вработив во средното уметничко училиште како професор – предавав акт со анатомија, па сликарство, и т.н.

Имав студиски престој два месеци во Амстердам. Намерно го одбрав Амстердам, Холандија, зашто тамошните мајстори ми беа посебно блиски. Пред сѐ мислам на Рембрант, Франс Халс и Вермер. Потоа, година-две подоцна, отидов во Париз, исто два месеци, и таму го гледав Пикасо. Секој ден. Прво одев во Лувр, за да го гледам „Сплавот Медуза“ на Теодор Жерико – сликата што има посебно значење за мене и подоцна се јавува како транскрипција во моето творештво. Претпладне кај Жерико, а попладне кај Пикасо. Имам престојувано и во Германија. Од тие врвни светски мајстори, најголемо влијание врз мене извршиле Жорж Брак, па Пикасо, па холандските мајстори – Рембрант, Вермер, Халс, па Анри Матис, и од помодерните Вилијам де Кунинг. Тоа е еден коктел на она што е барокот, традиционалното, до импресионистите, односно кубизмот. Тука се наоѓам, се барам; и преку нашиот фрескоживопис, иконографијата. Во целото мое творештво можат да се видат назнаки за влијанија од тоа европско сликарство, што е светско; се работи за десетина автори кои ми се посебно блиски. Јас правев една синтеза меѓу тоа што сум го доживеал како искуство од тие студиски престои, секојдневни анализи на тие големи ремек-дела, и ова нашево, што е традиционално, иконографско; и наоѓав една извонредна врска – иако се работи за разлика од 500 години – тоа сликарство од Курбиново, фреските на Михаил и Евтихиј, тоа е чист наш кубизам. Така што, тој мој ракопис, таа моја концепција, е мешавина, ако се вратам и на таа академија, на тие професори. Сепак, ова корењава тука повеќе ме влечеа, а така е и ден-денеска. Една синтеза на европското – од ренесанса, барок, до тој кубизам, тоа модерно сликарство; сето тоа заедно, и на крајот најважното – каде сум јас во сето тоа – каде е мојот ракопис, белег, знак? По што би бил јас препознатлив во однос на, конкретно сега, другите современи македонски автори. (Никола) Мартиновски, исто така, имал влијание врз мене. Тој пат е долготраен, трае и до денеска; тоа се некои 45-50 години секојдневно, перманентно истражување, барање на самиот себеси.“

Говорејќи за сликата како мерка самата за себе, за нејзината вредност; дека уметникот со неа (со сликата) не може да лаже, Јакимовски го цитираше/парафразираше Пикасо, кој вели дека „уметноста е лага што овозможува да се сфати вистината“.

„Пикасо вели дека сликарството е илузија, и преку него ние лагите, илузијата ја претвораме во објективност, во реалност. За да се направи ова, многу е важна дисциплината. Како професор, инсистирав учениците да ги ставам не во шаблон, туку да ги научам на дисциплина – да го научат занаетот. Прво е цртежот, тој е мисла. Тоа што сакаш да го соопштиш, најбрзиот, најдиректниот начин е преку цртежот. Потоа доаѓаат другите ликовни изрази. Секогаш им потенцирав на учениците дека додека работат- цртаат, сликаат, мора да бидат сконцентрирани 100%. Во тој момент не можеш да бидеш под какви и да се други влијанија. Кога сликаш треба да си изолиран од сѐ, со максимална концентрација, додека имаш енергија, додека имаш снага, физички и психички. Особено кога се работи за големи формати – треба физички и умствен напор за да стигнеш од едниот до другиот крај на сликата. Треба да го совладаш тој формат, да го владееш. Не сликата тебе да те води, туку ти да ја водиш. Ти си тој кој диригира, кој ја постигнува целината, хармонијата.“

Во согласност со ова, Жарко Јакимовски последниве 5-6 години, како што ни кажа, штом дојде јуни се пакува – четките, боите, платната, терпентините …, и оди „горе, во планина над Кичево, во хотелот „Куќа на уметноста“, каде благодарение на разбирањето од сопствениците добива простор каде може да работи, „во таа тишина, изолиран од сѐ друго, освен од сликарството“.

Добро етаблиран овде, тој често излегува и надвор, особено во Турција, но и во Германија со самостојни изложби, зашто „ова што го правам е прифатливо, функционира и на Исток и на Запад“. Овдешната публика ќе може да види голем дел од неговиот опус на планираната ретроспективна изложба, заокружување на еден период од скоро 50 години творештво, што треба да се одржи во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во мај догодина.

Жарко Јакимовски го прашавме што мисли за уметноста што се создава денес, што ја преферира генерацијата купувачи „милениумци“, која сѐ понаметливо доаѓа на арт маркетот, и дали и од ова време на хипер-поврзаност може да останат непрепознаени додека се живи генијални уметници?

„Секое време носи одредени личности, квалитети, кои или испливуваат на површина, или со временска дистанца подоцна биваат вреднувани. Жерико во свое време можеби не бил анонимен, ама не бил форсиран како неговиот современик (Ежен) Делакроа. Макар и со временска дистанца, квалитетот, вредното, си го добива своето место. Проблемот денеска е што иако живееме во време на висока технологија, на максимална, брза, едноставна комуникација, се случуваат неправди, злоупотреби на технологијата. Многу уметници во наводници, ја користат технологијата за да компензираат што немаат што да кажат. Бегаат од традиционалното, класичното сликарство и употребуваат технологија. Јас немам ништо против технологијата – напротив, доколку авторот смета дека во еден дел од неговото творештво може да биде искористена технологијата, немам ништо против. Но, да не остане само технологијата, без личното, креативното. Тогаш тоа не може да се смета за уметност, туку е блеф. Младите генерации одат по линија на помал отпор, не сакаат да се мачат, зашто сликарството е макотрпна работа“, ни одговори Јакимовски.

На крајот на разговорот, тој воодушевено зборуваше за привилегијата што е од Македонија; иако мала средина – земја во која со децении културата е на маргините на државните политики …

„Фреските од Македонија, од Курбиново, од Нерези, „Симнувањето од крстот“, од Света Софија – тоа се фантастични работи, универзални, што излегуваат преку границите на Македонија – разбирливи се и во Јапонија, и во Шведска, и во Бразил. Од модерново сликарство, тука е Мартиновски пред сѐ, како сликарство што функционира секаде во светот. Да не зборувам за мојата генерација. Можеме да бидеме горди што сме дел од Македонија во оваа смисла. Од земјата на уметноста, на сликарството, на музиката“, заклучи Жарко Јакимовски.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here