Златната тоалетна школка – уметничкото дело на познатиот италијански уметник Маурицио Кателан (Maurizio Cattelan) наречено „Америка“, есенва ќе биде инсталирано и ќе може да се користи според намената, во една од најголемите куќи на село во Обединетото Кралство, палатата Бленам (Blenheim Palace) во округот Оксфордшир, во која е роден Винстон Черчил.

Изработена од 18-каратно злато, „Америка“ лани беше меѓу ударните вести во САД, кога њујоршки „Гугенхајм“ му ја понуди на претседателот Доналд Трамп, наместо „Снежниот пејзаж“ (Paysage enneigé) на Винсент ван Гог, што тој го побара за своите приватни простории во Белата куќа.

Посетителите и во палатата Бленам ќе можат да ѝ се восхитуваат на златната тоалетна школка како на уметничко дело, но и да ја користат според нејзината функција во просторијата „каде и царот оди сам“. Сето во склад со традицијата на куќата во која луксузно резидентирале војводите од Малборо повеќе од 300 години.

„Иако сум роден со сребрена лажичка во мојата уста, никогаш не сум вршел нужда во златна тоалетна школка, па со нетрпение очекувам да ја пробам“, е изјава на Едвард Спенсер-Черчил, кој е полубрат на актуелниот војвода од Малборо и основач на Бленам фондацијата за уметност (Blenheim Art Foundation).

Маурицио Кателан

Кога уметничкото дело било функционално инсталирано во еден од тоалетите на „Гугенхајм“ во Њујорк во 2016, посетители на музејот чекале околу два часа во ред за да можат да влезат. Тоалетот бил санитизиран секои 15 минути, а околу 100.000 луѓе ја употребиле школката изработена од злато кое се проценува дека вреди над милион долари.

Кателан го изработил делото пред Трамп да стане претседател, но во „Гугенхајм“, имајќи го предвид менталитетот/„блескавите“ естетски афинитетити на актуелниот прв станар на Белата куќа, одлучиле дека повеќе од слика на Ван Гог, ќе му одговара златна тоалетна школка.

Поставувањето на „Америка“ во палатата Бленам ќе биде дел од опширна изложба на Маурицио Кателан (од 12 септември до 27 октомври), а во монументалното здание претходно биле изложувани дела и на Аи Веивеи, Ив Клајн, Микеланџело Пистолето, Џени Холцер …

„Тоалетната школка на Кателан им намигнува на луксузирањата на пазарот на уметноста, но упатува и на „американскиот сон“ со можности за сите – нејзината утилитарност ултимативно нѐ потсетува на неизбежните физички реалности на она што ни е заедничко како на луѓе“, стои на веб-страницата на „Гугенхајм“.

Уметникот по својата ретроспективна изложба во 2011 во овој музеј, најави пензионирање како автор. Но, по пет години се врати со „Америка“, што е целосно функционална реплика на тоалетната школка од неговиот дом, изработена, како што кажавме, од 18-каратно злато, со цел да ѝ се направи достапен на широката публика еден екстравагантен луксузен производ што инаку би бил наменет само за помалку од 1% од луѓето во светот. Тоа што златната школка се користи (како и што реално се користи) индивидуално/сосем приватно, дава можност за интимно искуство со едно уметничко дело без преседан.

Маурицио Кателан е автор на некои од највпечатливите појави на денешната уметност, во кои „дрско“ храбро е отсликана самозадоволноста на луѓето и нивното општество, за што уметникот материјал „на претек“ има во популарната култура, историјата, институционализираната религија … Веројатно најпознат е по „Деветтиот час“ (La Nona Ora, 1999), восочната фигура на папата Јован Павле II погоден од метеор; и по „Тој“ (Him, 2001), каде е прикажан клекнат Адолф Хитлер, кој моли за прошка.

„Him“, 2001

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here