Билјана Јуруковски е меѓународно наградувана фотографка со македонско потекло, која живее во Австралија. Себеси се смета за истражувачка и авантуристка која особената љубов и почит за различните култури и традиции ја одвеле во многу земји, за благодарение на нејзината страст за фотографијата да може да ни ја приближи убавината на различностите, по цена на сите предизвици што ги подразбираат условите во некои од најоддалечените места во однос на западниот поим за цивилизација.

Нејзината уметност прикажува грациозен свет каде силата и гордоста се вцртани во лицата на луѓето што ги фотографира, а целта ѝ е преку фотографијата да иницира дискусија за различните култури, за нивниот начин на живот и да ја презентира убавината на уникатен начин. Сака и да го предизвика традиционалниот (западен) начин на кој ја препознаваме убавината, и да ги испровоцира и води заинтересираните да ја преиспитаат рамката во која го поставиле концептот за убавината.

„Некаде на половина пат од патешествието на моето себеоткривање, станав свесна за постоењето на еден прекрасен калеидоскопски свет на културни различности, и се вљубив толку многу во него, што одбивам да се вратам во монохроматскиот свет“, се зборови на Јуруковски.

Нејзината серија фотографии „Племенски музи“ (Tribal Muses) е колекција од интимни портрети на некои од најуникатните, најдревните, најмистичните и најегзотичните луѓе на светот.

„Тие се мои музи, кои се бунтовни, диви и нескротливи … незапирлива сила за остварувањето на моите соништа … визија за женската сила, убавина и дигнитет“, вели фотографката.

Интервјуто со Билјана Јуруковски го направивме по нејзиното последно патување во Етиопија …

Патем: Неодамна британскиот уметник Марк Волингер (Mark Wallinger) ја претстави скулптурата – гигантски глобус, „Светот превртен наопаку“ (The World Turned Upside Down), на која, покрај останатото, може да се види реалната големина на Африка, најоштетениот континент поради непропорционалната дистрибуција на политичката и економска моќ во светот. Се обидувате ли со вашата работа да алармирате на збришувањето на локалните култури, особено на богатите, но сѐ уште недоволно познати африкански култури, од страна на незапирливата глобализација?

Јуруковски: Претпоставувам дека целта на Волингер е да го претстави целиот свет, не само Африка, според неговото согледување на моменталната ситуација во светот. Верувам дека секој уметник со секое свое дело сака да пренесе некоја порака во која самиот верува. Африка традиционално, и во повеќето случаи – било преку медиумите, па и преку уметноста, е претставувана и асоцирана со беда, војни и корупција. Да, точно, сето тоа постои во делови на Африка, но главната цел на моите фотографии е да се прикаже убавината, умешноста, традициите и културата на еден дел од луѓето што живеат во Етиопија. Многу од локалните култури во Африка веќе се фотографски документирани и многу од нив се опфатени од процесот на глобализацијата. И само во некои делови од африканскиот континент може да се каже дека уште има домородни луѓе што го зачувале традиционалниот начин на живот. На пример Сури, Мурсите, Каро, Арборе – домородните луѓе што живеат на границата помеѓу Етиопија и Јужен Судан; Мундарите од Судан; Мухакаона, Химба, Мукавана, Мукубал и Сан луѓето во Ангола; номадите Водабе од Чад. Некои од причините што глобализацијата сѐ уште не стигнала до овие домородни луѓе се, на пример, меѓуплеменските војни во Етиопија и Судан, недостапноста на одредени места поради зарази или други причини, минираните патишта во Ангола … Во делови на Африка, и конкретно би сакала да посочам на Сури луѓето, глобализацијата, барем во овој момент, не е најголем непријател и причина за уништување, колку што е недостигот од чиста вода и медицинска помош.

Патем: Ќе го сфатите ли како комплимент ако ве споредиме со Лени Рифенштал – секако, имајќи ја предвид нејзината фасцинација како фотограф од луѓето од суданските Нуба племиња? Кои се уметниците и делата што ве инспирираат, влијаат врз вас и вашата работа?

Јуруковски: Па, ќе ви заблагодарам, зашто сепак Лени Рифенштал има значајно придонесено за документирањето на Нуба племињата од Судан. Но, секој фотограф или уметник има свој стил како сака да ги претстави своите дела, и сакам да сум препознатлива по мојот стил на фотографија. Голема инспирација ми е фотографот Џими Нелсон (Jimmy Nelson), кој исклучиво се занима со фотографирање на домородни племиња, традиции и обичаи од целиот свет. Исто така ја следам работата на Ени Лебовиц (Annie Leibovitz) и Себастио Салгадо (Sebastião Salgado). Надвор од фотографијата, најомилена ми е мексиканската уметница Фрида Кало.

Патем: Сте патувале многу и далеку за преку објективот да ни ја приближите убавината што креативно сте ја препознале. Има ли нешта што окото ги гледа, но фотографијата не може да ги „фати“, дури и ако фотографот е таму во вистинскиот миг и е поставен од вистинскиот агол?

Јуруковски: Па, има многу нешта што окото ги гледа, но не секогаш може да се прикажат фотографски. Има мигови кога решавам да ја оставам камерата и да уживам во моментите со локалните луѓе. На пример, претпоследниот пат кога бев во Етиопија, во посета на племето Сури, кога пристигнав имаше традиционална свадба, и поглаварот ми дозволи да присуствувам на свеченоста. Во истиот момент решив дека сакам да бидам, да го наречам така, внатрешен дел од таа свеченост, и да бидам потполно посветена на луѓето и на самиот момент, односно да не фотографирам. Фотографијата е одличен медиум за пренесување пораки, но, во исто време, некои моменти бараат да се почувствуваат не само визуелно, туку и со сите други сетила.

Следи галерија, а на првите шест фотографии се девојчиња од Сурма/Сури племето (кои ја избегнале практиката на ставање глинена плочка во долната усна), за кои го приложуваме објаснувањето на Билјана Јуруковски:

„Фасцинацијата од Сурма/Сури луѓето ми почна во 2014 година, кога првпат наидов на неколку фотографии од нив. Бев потполно фасцинирана од нивната креативност и ексцентричност, особено кога станува збор за декорирањето на нивните тела. Веќе три пати одам во Етиопија, на границата со Јужен Судан, каде што живеат. За декорирање користат само производи на природата, како гранки, цвеќиња, животински рогови и природни бои/пигменти. Слично како Мурсите, со кои се во иста група народи во однос на јазикот и културата, Сурма жените се познати и по големите глинени плочки што ги носат на долната усна, на ушите и по декоративните скарификации/лузни. Некои од овие глинени плочки може да имаат дијаметар од 30 сантиметри. Мажите обично го покриваат телото со парче платнена ткаенина, која наликува на ќебе, или воопшто не носат ништо. Тие мораат да му платат на семејството на девојката кога ќе им дојде време да се женат. Богатството во Сурма племето се мери според бројот на кравите, и на семејството на идната сопруга му се даваат 25-30 крави и пушка Калашников/АК-47. Полигамијата е дозволена за мажите, и можат да имаат по неколку жени, доколку, се разбира, се доволно богати за да го платат миразот.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here