Најпознатиот денешен шпански режисер кој ја препороди кинематографијата на родната земја, Педро Алмодовар, со неговиот нов филм „Болка и слава“ (Pain and Glory) е во конкуренција за Златна палма на Канскиот филмски фестивал годинава (14-25 мај). Во меѓувреме (од 30 април до 29 јуни), во њујоршката Галерија Марлборо (Marlborough Gallery), трае изложбата на негови фотографии, под името „Чекајќи светлина“ (Waiting for Light).

Името на изложбата реферира на креативниот процес на Алмодовар како уметник, кој вели дека најважна работа (и) за фотографот е да ја (на)чека идеалната светлина. Сите фотографии – мртви природи, се направени во неговиот дом, со користење на тукашните предмети, при што прозорците биле извор на сончевата светлина, од која ги чекал неколкуте драгоцени минути погодни за целта.

Како што стои во прес-материјалот на Галеријата Марлборо, фотографиите на изложбата асоцираат на неговите филмови, со поп „допирите“ и иновативната употреба на боја, па непогрешливо го носат вкусот на Алмодовар.

Homage To Zurbaran, 2018 (Франсиско де Зурбаран, н.з.)

Во разговор за Artnet по поводот, режисерот се опишал како „мулти фрустриран уметник“:

„За да бидеш добар режисер, треба да си фрустриран уметник, фрустриран сликар, фрустриран декоратер, фрустриран архитект, фрустриран секс симбол, фрустриран актер. Кога си сето ова, тоа те прави сензитивен за сите одлуки што треба да ги донесеш и споиш за да бидеш добар филмски режисер.“

Признавајќи дека никогаш не планирал да ја изложува својата фотографска уметност во галериски контекст, Алмодовар вели: „Не знам дали ќе продолжам да бидам уметник додека истовремено сум режисер, но одлично е чувството да почнеш нешто ново, да ги правиш овие први чекори и да се чувствуваш ново-наивен.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here