Златниот лав за најдобар национален павилјон на 58. Биенале на уметноста во Венеција го доби Литванија, од каде доаѓаат авторките на „Сонце и море“ (Sun & Sea (Marina)), Rugilė Barzdžiukaitė, Vaiva Grainytė и Lina Lapelytė – операта/перформансот за климатските промени, поставена на импровизирана плажа.

На плажата, креирана со умисла што поверно да потсетува на вистинска – преполна со луѓе, изведувачите пеат додека се сончаат, а публиката ги гледа одозгора, „како во контра-монументален, анти-барокен театар“.

Sun & Sea (Marina)

Меѓународното жири на Биеналето 2019 било „импресионирано од инвентивното користење на местото каде е презентирана (Бертолт) брехтовска опера, како и од ангажираноста на павилјонот во контекст на градот Венеција и неговите жители“.

Истата награда (Златен лав) за најдобар уметник на централната изложба, „Да живеете во интересни времиња“ (May You Live In Interesting Times), ја доби Arthur Jafa, за видеото „The White Album“. Jafa, кој во своите видеа што вклучуваат материјал од YouTube, телевизиски вести и оригинални снимки, ги истражува меѓурасните прашања визави културата во САД, и во „The White Album“, „што е во подеднаква мера есеј, поема и портрет“ (како што забележало жирито), го рефлектира прашањето на расата.

Кадар од „The White Album“

„Додека филмот го критикува моментот заситен со насилство, нежно портретирајќи ги пријателите и семејството на авторот, тој, исто така, зборува за нашиот капацитет за љубов“, стои во објаснувањето на жирито за Златниот лав на Jafa.

Сребрениот, пак, лав, за „најперспективен млад уметник“, отиде кај Haris Epaminonda, родената Кипранка, која живее и работи во Берлин, за видеото „Chimera“.

Името на централната изложба – „Да живеете во интересни времиња“, е алузија на периодите на несигурност, кризи и немири, а доаѓа од англиската поговорка, како слободен превод на традиционалното кинеско проколнување кое изгледа како благослов, но се употребува иронично, имајќи предвид дека под „здодевни/неинтересни времиња“ се подразбираат периодите на мир.

„Во момент кога дигиталното ширење на лажни вести и „алтернативни факти“ го кородира политичкиот дискурс и довербата од која тој зависи, треба да паузираме секогаш кога имаме можност, за да го преиспитаме нашиот референтен систем“, е изјава на кураторот на централната изложба на овогодинешното биенале, Ralph Rugoff.

Од „Црвена дискусија“

Павилјонот на Северна Македонија со проектот „Субверзија во црвено“ на уметницата Нада Прља, беше отворен со перформативното уметничко дело „Црвена дискусија“. Проектот на Прља поттикнува враќање кон „заборавените“ идеи за идеализмот и идеологијата, како вид мотивација за современото општество.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here