Украинскиот, киевски фотограф Valentine Bo, првпат дознал за НЛО сектата раелијанци читајќи на Wikipedia за Clonaid, првата компанија во светот за клонирање луѓе (основана од Раелијанското движење), чија директорка, Brigitte Boisselier, во 2002 година тврдеше дека во нивната лабораторија (на Clonaid) е родено првото клонирано бебе, Eve.

Оттогаш раелијанците, кои веруваат дека вонземјани (Елохим(и) научно го креирале животот на Земјата пред 25.000 години, му станале значаен извор на инспирација на фотографот, од која го создал псевдо-научниот свет како подлога за неговиот проект „Your Next Step Would Be To Do The Transmission“, кој ќе биде претставен на изложбата Foam Talent, што се отвора во Лондон утре (15 мај) (Foam Talent цели да понуди што поцелосен спектар на креативните пристапи што придонесуваат за денешниот развој на фотографската уметност).

„Додека си ги толкував информациите што се однесуваат на активностите на раелијанците, почнав да „фаќам“ слики што често ми се појавуваа пред очи пред да заспијам. Не се трудев да ги рекреирам во смисла на внимавање на деталите, туку да изградам свој сет од симболи, алегории, асоцијации и конекции“, се зборови на Valentine Bo.

Иако проектот е изграден на историјата на раелизмот, тaа не е главен фокус на фотографот. Сектата ја искористил и поради нејзините либерални гледишта за сексуалноста (поради кои раелијанците застапуваат каузи како „секс-позитивноста“ (со идеја дека сексот во секој случај, во секоја варијанта, е позитивна работа, сѐ додека е безбеден и за него има експлицитна согласност од учениците), правата на сексуалните работници, абортусот …), за метафорички да покаже како кога човек нема духовно тежиште, лесно „лета“, се „прилагодува“; и за да биде „модерен“ се претставува за нешто што не е …

Од „Your Next Step Would Be To Do The Transmission“

Со „Your Next Step Would Be To Do The Transmission“, според самиот Valentine Bo, се истражуваат пошироки прашања, како „конформизмот, искреноста, преправањето/лажното претставување“, зашто „контроверзните тврдења на раелијанизмот не се само забавни, туку ги поставуваат прашањата за тоа како луѓето манипулираат и се мамат меѓусебно на апсурдни и имагинативни начини“.

Проектот на овој голем фан на David Lynch се случува во лабораторија, а во односната серија фотографии можат да се видат изобличени и балсамирани животни во лабораториски садови, минијатурно бебе кое плови во ретка црвена течност; еден од раелијанските лидери, можеби и самиот Raël (Claude Vorilhon), само без неговата брадичка (ликот што го игра на фотографијата е избричен); возрасна жена која на себе има само килоти и високи потпетици (треба да е Brigitte Boisselier), а изведува некаква трансплантација на лице на млада девојка (наводно клонираната Eve) која лежи на болнички кревет …

Од „Your Next Step Would Be To Do The Transmission“ (1)

На Valentine Bo за проектот „Your Next Step Would Be To Do The Transmission“ му биле потребни пет месеци за целосно да ја визуелизира приказната, да го издизајнира и изгради сетот, да одбере луѓе кои ќе ги играат замислените ликови, и да почне да фотографира. Дел од фотографиите погледнете во продолжение …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here