SPACE10, истражувачката и дизајнерска лабораторија од Копенхаген, што си задала мисија да креира решенија за подобар и екоодржлив начин на живот, сработила нешто што „на прва“ ќе ги разочара гурманите на кои им е слабост храната базирана на традиционални извори на протеини, но ветува дека ако за повисоки, еколошки цели, успеат да ги надминат предрасудите, нема да им го искомпромитира „задоволството за нивните непца“.

Имено, Future Food Today (Храната на иднината денеска) е првиот готвач на SPACE10, што е резултат на долги тестирања спроведени за да се добие опиплива визија за тоа како би можела да изгледа екоодржливата кујна на утрешницата, а кој, обединувајќи ја технологијата, науката и храната, нуди колекција на рецепти што ги земаат предвид интересите на луѓето и на планетата. Готвачот цели да го затвори јазот меѓу идните трендови во однос на храната и она што во моментов се случува во нашите кујни.

Данската лабораторија смета дека влегувајќи со Future Food Today на пренатрпаниот пазар за книги за готвење, ќе ги примами еколошки освестените шефови да придонесат за намалување на користењето еконеодржливи извори на протеини, и полека да почнат да се свртуваат кон исхрана богата со микроалги, инсекти и други состојки што се вусни, а се добиваат без да предизвикуваат загрозување на животната средина.

Препознавајќи ја улогата што производството на храна, и консумирањето на истата ја игра во тековните светски еколошки болки, SPACE10 се надева дека нивниот готвач ќе помогне и ние да го препознаеме истото.

„Иако не можеме да ја предвидиме иднината, знаеме дека начинот на кој консумираме и произведуваме храна мора драстично да се смени. Во наредните 35 години, нашата потреба од храна ќе порасне за 70%, а ние едноставно немаме ресурси за да одговориме на ова барање“, велат од лабораторијата.

„Ја креиравме Future Food Today за да се инспирираме себеси и другите да бидат љубопитни во кујната, и да се мотивираме за акција преку нашите избори во однос на храната“, е изјава што за It’s nice that ја дала визуелната уредничка и уметничка директорка на SPACE10, Monique Schroder.

Говорејќи за визуелниот пристап на лабораторијата при изработката на готвачот (што излегува на 21 мај во Европа, а на 21 јуни во САД и во Азија), Schroder ја потенцира помошта што ја добиле од специјалистот за фотографирање храна, Kasper Kristofferson, како и „домашната“ работа на дизајнерот на храна во SPACE10, Simon Perez.

„Сакавме фотографиите да бидат едноставни и разиграни, избегнувајќи престилизирани и стерилни слики на храна што можеби изледаат како уметност, но не и многу вкусно.“

„Ова беше ‘рбетот на тоа како ја конципиравме храната што ја истражувавме во тестната кујна. Сакавме да креираме нов и поискрен пристап кон храната – нешто што ќе биде веднаш препознатливо и вкусно во исто време. Затоа одлучивме да фотографираме во тестната кујна додека шефот готвеше, за храната и процесот да можат да се почувствуваат.“

Во однос на рецептите, од SPACE10 велат дека во Future Food Today може да се најдат идеи за оброци за секого: екоодржлива „џанк фуд“, грицки со „нулта отпад“, тостови, супи, салати, … а како пример ги издвојуваат …

… The Dogless Hotdog – со повеќе протеини од „вистински“ хотгог, зашто е направен од спирулина …
… The Bug Burger – од цвекло, пашканат, компири и брашнести црви …
… The Swedish Neatball (варијација на IKEA ќофтињата) – ги има два вида: од брашнести црви и од основни зеленчуци како морков, пашканат и цвекло.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here