Речиси точно половина година Jeff Koons го остави David Hockney на врвот според постигнатата цена за дело на жив уметник. Рекордот поставен од Koons во 2013 со 58,4 милиони долари за „Портокаловото куче балон“ (Balloon Dog (Orange), Hockney го собори во ноември лани, со 90,3 милиони за неговиот „Портрет на уметник (базен со два лика)“ (Portrait of an Artist (Pool with Two Figures).

Но, вчеравечер во Њујорк, на аукција на Christie’s, Американецот се врати на врвот. Неговата скулптура „Зајак“ (Rabbit) од 1986 година, е продадена за 91,1 милиони долари, одново уривајќи го рекордот за најскапо продадено дело на жив уметник.

„Rabbit“, Jeff Koons, 1986

Наддавањето за 104 сантиметри високата скулптура почнало со 40 милиони долари, и траело 10 минути и 40 секунди, пред да ја понуди рекордната цена купувачот кој бил на аукцијата, но не е именуван.

„Во 33 години од првото претставување, илјадници зборови се напишани за контроверзниот, од нерѓосувачки челик „Зајак“, на Jeff Koons, (податлив за да биде) опишуван (и) како сладок, злокобен, импозантен, празен, секси, застрашувачки, бласкав и иконичен“, пишува на веб-страницата на Christie’s.

На односната аукција на повоена и современа уметност (на која е продаден „Зајакот“), поставени се рекорди и во делот на „една од најсилните селекции на поп-арт кога и да е презентирани на аукција“. Тука се издвојува „Buffalo II“ на Robert Rauschenberg (изложена на Венециското биенале во 1964), која по наддавање кое траело само 11 минути, е продадена за 88,8 милиони долари (претходно проценета на 50-70 милиони).

„Buffalo II“ е речиси 2,5 метри високо платно што е своевидна графичка новела за Америка во шеесеттите, со портрет на неодамна (за тоа време) убиениот Кенеди, белоглавиот „американски“ орел, логото на Coca-Cola, амбициите во трката за вселената (со Русија) и за владеење на Земјата, преставени и со хеликоптерот „Huey“ од виетнамската војна …

„Buffalo II“, Robert Rauschenberg, 1964

Претходниот рекорд за Rauschenberg, поставен од „Johanson’s Painting“ (1961), исто така на аукција на њујоршки Christie’s, беше 18,6 милиони.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here