Дијана и Калисто

Ако следното лето, 2020 година, патувате во Лондон, или нешто подоцна во Мадрид, а не сакате да ја пропуштите можноста на која се чекало три века – да видите една од најважните групи слики од високата ренесанса што ќе бидат изложени заедно првпат од 1704 година, тогаш во вашата агенда ставете ја лондонската Национална галерија или мадридскиот музеј Прадо.

Се работи за сликите што најголемиот претставник на ренесансата од Венецијанска школа, Тицијан, ги насликал за шпанскиот крал Филип II, во серија големи митолошки платна, позната под името „поезија/поеми“, каде уметникот медитира на темите љубов и смрт.

Данаја

Од шесте слики што ја сочинуваат серијата, пет се дел од вчера најавеното партнерство меѓу галерии од Лондон, Единбург, Мадрид и Бостон, и откако ќе бидат изложени во Националната галерија во Лондон од 16 март до 14 јуни 2020 година, ќе отпатуваат до Единбруг, каде ќе може да се видат од 6 јули до 27 септември догодина, па во Мадрид – од 20 октомври 2020 до 10 јануари 2021, пред да отидат и во Бостон, од 11 февруари до 9 мај 2021.

Во Лондон, со мал компромис ќе може речиси истовремено да се види и шестата слика од „поезија“, „Персеј и Андромеда“, која од Националната галерија е оддалечена на 30-минути пешачење, како дел од Волесовата збирка (Wallace Collection), националниот музеј на уметноста во англиската престолнина, кој е попречен да ја позајми сликата поради услов од неговото завештание (од 19 век, на сопствениците на збирката) никогаш да не позајмува кое и да е од делата што ги поседува.

Персеј и Андромеда

„Долго се сметаше дека е невозможно овие ремек-дела да бидат собрани заедно“, е изјава на кураторот за италијанско сликарство од 16 век во Националната галерија, Матијас Вивл. Според неговите зборови, сликите од серијата „поезија“, „се меѓу тицијановите врвни достигнувања, и концептуално и технички, во делот на психолошкиот увид и експресивната сликарска изработка“.

Вивл смета дека шесте дела се секако меѓу најзначајните слики од 16 век, но и меѓу највеличествените визуелни изрази на темите љубов и смрт на сите времиња.

Дијана и Актеон

Сликите прикажуваат сцени од класичната митологија, главно од „Метаморфозите“ на римскиот поет Овидиј, а се сликани меѓу 1551 и 1562 година.

Ги вклучуваат „Дијана и Калисто“ и „Дијана и Актеон“, чии заеднички сопственици се лондонската Национална галерија и шкотската институција со исто име; потоа „Данаја“ од Велингтонската збирка (Лондон), „Венера и Адонис“ од мадридски Прадо, и „Силувањето на Европа“ од бостонскиот музеј Изабела Стјуарт Гарднер.

Сликите биле во шпанската кралска колекција до 1704 година, пред да ги добие Франција, за подоцна да станат дел од колекцијата на Филип II, војводата од Орлеан, додека последиците од Француската револуција не довеле до нивна продажба и раздвојување.

Силувањето на Европа

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here