Големите изложби по правило подразбираат тешки преговори за да се обезбедат позајмици на дела од повеќе институции, но, ретко стануваат сцена за дипломатски рововски битки како оваа што се случува околу изложбата на Леонардо да Винчи, планирана за есенва (ќе трае од 24 октомври до 24 февруари 2020) од париски Лувр, за одбележување на 500-годишницата од смртта на ренесансниот гениј.

Овој јубилеј (ќе) се одбележува со многу настани низ Европа, но изложбата на Лувр претендира да биде „главна“, зашто благодарение на кралот Франсоа I кој на Леонардо му ја понудил најбезрезервната и конечна патронажа во Франција, назначувајќи го за „прв сликар, инженер и архитект на кралот“, Лувр има скоро третина од корпусот слики на мајсторот, вклучувајќи ја и „Мона Лиза“. Најпозната слика на светот не смее да се преместува, така што Лувр во преговорите не може да ја користи како контра понуда за позајмиците што ги бара од други музеи.

Salvator Mundi

Меѓу она што го бара кураторот на изложбата, Vincent Delieuvin, кој сака да прикаже осум или девет слики – околу половина од малото сочувано творештво на Леонардо, е „Спасителот на светот“ (Salvator Mundi) на Лувр Абу Даби. Овде би требало да биде олеснително тоа што музејот во главниот град на Емиратите е дел од договор со француската влада, но, дали и сликата ќе биде дел од изложбата во Париз сѐ уште нема одговор, во услови на несмирени контроверзи околу ова најскапо продадено уметничко дело во историјата. Плановите на Лувр Абу Даби за изложување на Salvator Mundi во септември, беа откажани, за што од музејот досега нема издржан коментар, освен тоа што ја префрлија одговорноста дека сликата му припаѓа на одделот на Емиратите за култура и уметност. Има (непотврдени) информации дека платното е оштетено или дека на Christie’s, која ја продаде сликата во 2017, сѐ уште не ѝ се исплатени договорените 450 милиони долари.

Како и да е, ова не е единствената главоболка за кураторот Delieuvin, односно за Лувр од каде почнале да ги бараат позајмиците за изложбата на Леонардо пред 4 години. Неодамна, веќе во цајтнот, на 28 февруари, министерот за култура на Франција, Franck Riester, бил во Милано за да преговара за позајмици од Италија за изложбата во Лувр, со својот италијански колега, Alberto Bonisoli. Италијанската влада првично се закани дека ќе ги блокира позајмиците (на крајот на краиштата, во Италија, како во татковина на да Винчи, со стотици настани, исто така, се одбележува 500-годишницата од неговата смрт), но потоа Bonisoli изјави дека е „подготвен да им помогне на Французите“. Францускиот министер во контекстот ја потсети Италија дека Лувр бил дарежлив со неговите „леонарда“ во минатото – за миланското ЕКСПО 2015 ги позајми „La belle ferronnière“, сликата позната и како „Портрет на непозната жена“, и „Свети Јован Крстител“. Riester понудил и помош за изложбата планирана на 500-годишницата од смртта на Рафаел, во 2020, во Рим.

La Scapigliata

Како позајмици за изложбата на Леонардо, Лувр главно бара цртежи што се во Венеција, Рим, Торино и Парма, вклучувајќи ја „La Scapigliata“ (Глава на жена) од Националната галерија на Парма. Венеција се сложила да позајми неколку дела, но очигледно се мисли околу иконичниот „Витрувијански човек“.

Главниот предизвик е во Фиренца, каде директорот на Уфици, Eike Schmidt, јавно се закани дека ќе поднесе оставка ако има позајмици за Лувр од музејот што го води. Покрај „Крштевањето Христово“, кое покрај на Леонардо му се припишува и на Верокио, галеријата ги поседува првите познати цртежи потпишани и датирани од ренесансниот гениј, „Пејзажот на долината Арно“, и најважно, „Благовештението“.

Други важни дела што ги бара Лувр се „Богородица со Христос“ (Madonna Benois) од Ермитаж, а побарани се позајмици и од Ватикан, од најголемата приватна колекција на уметност во светот – Кралската, на британското кралско семејство, од виенскиот Уметничкоисториски музеј, како и од музеи од Германија. Поради ризик од оштетување, монументалните композиции сликани на дрвена подлога, како „Поклонувањето на мудреците“ на Уфици, и „Богородица на карпите“ од лондонската Национална галерија, е прилично неизвесно дали ќе отпатуваат за Париз.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here