Британскиот уметник Марк Квин (Marc Quinn) во 1991 направи скулптура буквално употребувајќи го своето тело како материјал за автопортрет – искористувајќи за целта пет литри сопствена, замрзната крв; и оттогаш одново на истиот начин се создава „Себеси“ (Self – така се вика скулптурата) секои пет години.

Како што самиот Квин објаснува, бистата – неговата глава, ја направил во време кога бил алкохоличар, и како извесна белешка за зависноста, за нештата што на зависниците им се потребни за да ‘преживеат’, овде служи струјата без која не би можел да работи фрижидерот за одржување на замрзнатата состојба на скулптурата.

Self, 1991

Во својот нов проект, „Наша крв“ (Our Blood) – инсталацијата што ќе дебитира во Њујорк, пред градската јавна библиотека, поточно на нејзините скали во летото 2021 година, крвта му е одново материјал на кој за да не ‘зоврие’ му е потребно разладување од фрижидери. Марк Квин, имено, сака проектот да тргне од Њујорк, и да патува низ светот за да ја зголеми свесноста за бегалската криза, да ги ‘подолади’ главите, расветлувајќи ги причините што создаваат цунамија бегалци со сите последици; да покаже, работејќи и (со крв) на светски познати личности – дека живееме во општество во кое „некои луѓе се претерано славени, додека други се целосно обезвреднети“.

Инсталацијата ќе вклучува две идентични коцки, од која секоја ќе тежи по тон, а ќе содржат крв од 10.000 раселени бегалци, како и од луѓе поштедени од ваква судбина, меѓу кои, како што кажавме, и некои од најпознатите светски ѕвезди.

Марк Квин

Со мешањето на крвта – „материјалот со концептуално и реално значење“, се добива „скулптура на еднаквоста и солидарноста“. Коцките ќе бидат сместени во транспарентен павилјон дизајниран да потсетува на бегалски шатор. Познатиот архитект Норман Фостер е партнер во проектот, како дизајнер на павијлонот и на двете проѕирни коцки, што се всушност големи фрижидери.

Концептуалниот почеток на проектот бил во 2015, тогаш со фокус на сириската бегалска криза, иако, како што вели Квин, „идејата за бегалците како нешто ново е смешна“. Уметникот смета дека Америка, односно Њујорк, е особено податлив за старт на проектот, како историски предмет на желбата на бегалците, годиниве дисперзиран на многу други западни земји.

„’Нашата крв’ ќе дебитира во Њујорк – градот изграден од имиграцијата и идеалите на слободата, прифаќањето и диверзитетот“, се вели во официјалната интернет презентација на „Наша крв“, а самиот Квин смета дека бегалската криза е една од темите што (ќе) го дефинираат векот.

Инсталацијата која, како што кажавме, ќе биде презентирана во 2021, е придружена од серија промотивни видеа, во кои, како поддржувачи на проектот се појавуваат и Ана Винтур (уредничката на „Вог“), Кејт Мос (со која Марк Квин и претходно имаше успешна соработка – изработи серија нејзини скулптури во јога пози), Пол Макартни, Џуд Ло, Боно Вокс, Стинг и други познати личности кои се сложиле да донираат крв и да говорат за егзистенцијалистичката природа на „Наша крв“.

Квин вели дека неговиот проект, иако ‘исполнет’ со крв, „не е спектакл, туку колаборативно дело направено со луѓето, врз база на еднаквоста меѓу нив“.

„Наша крв“ е непрофитен проект, од чии приходи 50% ќе му бидат донирани на Меѓународниот комитет за спас (International Rescue Committee – IRC), а остатокот ќе се дистрибуира до други бегалски организации и програми.

„Сирена“, 2008 (од серијата „Свинги и Сирени“ со Кејт Мос)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here