Минатата недела, во тек на Венециското биенале, во „градот на каналите“ осамна нов мурал/графит што му се припишува на славниот Бенкси (Banksy) – девојче, кое се подразбира дека е (дете на) имигрант, носи појас за спасување, и со факел со розев (преоптимистички) пламен бара да биде забележано и спасено. Секако, Бенкси и овојпат времето и местото на ангажирање не ги одбрал случајно – мотото на централната изложба на годинешново Венециско биенале беше – „Да живеете во интересни времиња“ (May You Live In Interesting Times), како алузија на несигурноста и кризите во светот, па, уметниците се занимаваа со негативните последици од климатските промени, забеганиот консумеризам, но и со бегалската криза.

За дополнителна прецизност на пораката, Бенкси го позиционирал графитот на ѕидот на каналот спроти концептуалниот проект („Нашиот брод“: Barca Nostra) на швајцарско-исландскиот уметник Криштоф Бихел (Christoph Büchel), кој на биеналето изложи руиниран брод што во 2015 година потона во морето меѓу Либија и Италија, а во кој животот го загубија стотици мигранти. Бенкси како да се сложува со оценката дека во делото на Бихел натежнува провокацијата, наместо сензибилизацијата за проблемот. Како и да е, тој (Бенкси) не ја презема одговорноста/заслугите за графитот (вообичаено за своите ангажмани се огласува на Instagram, што овојпат не беше случај, а во прилог дека се работи за негово дело, покрај стилот, упатува и мотивот – мигрантската криза, на која често се навраќа последниве години).

Но, вчера британскиот анонимен ‘уличен’ уметник потврди дека сепак ‘учествувал’ на Венециското биенале, со друг проект – постираше видео (на Instagram) во кое непознат човек на Плоштадот Свети Марко поставува „тезга“ со намера (како што се чини) „диво“ да продава слики. Постот на Бенкси е придружен со типичен „бенксијански“ коментар: „Поставување на мојот штанд на Венециското биенале. И покрај тоа што ова е најголем и најпрестижен настан во светот, поради некоја причина никогаш не сум бил поканет“.

Инаку, во видеото, платната/сликите што непознатиот ги распоредува се надоврзуваат во сложувалка, откривајќи голема слика на бел брод, крузер, кој спокојно впловил во венециски канал. Покрај поставката стои знак на кој пишува „Венеција во масло“ (во маслена техника; како Бенкси да е големиот крузер и сака да каже: Како подмачкано помина овој мој упад на Биеналето).

Финалниот ‘шмек’ на проектот го даваат италијанските полицајци, кои не го делат одобрувањето на минувачите на плоштадот што заинтересирани подзастануваат да го погледнат делото, па бараат непознатиот да го напушти местото, ако не им покаже дозвола…

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here