„Временската машина“, „Леонардо3“

Во најраширената туристичка претстава за Милано, градот е моден центар во кој ‘патем’ може да се видат и познатото Дуомо, замокот Сфорца, „Тајната вечера“ на да Винчи …

И, за волја на вистината, ломбардиската престолнина каде е видливо дека со векови се редело богатство на богатство, остава впечаток оти акцентот на туристичката понуда го става на модата и на соодветната демонстрација на животниот стил на миланчаните. Образецот е улицата Монтенаполеоне, на која пред најексклузивните бутици на престижните модни куќи затекнавме паркирана серија „ферарија“ и „ламборгинија“, што завршуваше со црн „Ренџ ровер“ пред „Армани“, на кој шеретски беше потпрен униформиран возач, а веднаш до него, веќе пред излогот на „Луј Витон“, трпеливо чекаше обезбедувањето на ВИП купувачот, во автомобил сличен на патролен …

Миланските градски власти неспорно – во условите по светската економска криза кога се критикува конзумеризмот, а се фалат ‘вистинските вредности’ – сакаат да ја надградат оваа туристичка претстава за Милано, зашто денешното економско срце на Италија било и еден од центрите на ренесансата каде 17 години творел Леонардо да Винчи, и има импресивно културно наследство. Извонредна можност за целта даде овогодинешното одбележување на 500-годишницата од смртта на ренесансниот гениј, кој во Милано, покрај своите познати ремек-дела, оставил длабок, сѐ уште недоистражен печат врз културната физиономија на градот.

Програмата „Леонардо 500“ вклучува над 50 настани, кои сите (секако) не можевме да ги посетиме, а не можевме и нашата тура низ Милано на Леонардо да не ја почнеме со ексклузивата по поводот – изложбата „Под сенката на Моро. Собата на дрвените плочи“ (Sotto l’ombra del Moro. La Sala delle Asse), отворена на 16 мај (ќе трае до 12 јануари 2020) во Кастело Сфорческо (Castello Sforzesco). Оваа соба што е симболичното место на миланската „Леонардо 500“ програма, да Винчи ја декорирал за миланскиот војвода Лудовико Сфорца (Моро), и е пример како Мајсторот и во ‘обичните’ „тезги“ што ги добивал како наемник, ја вложувал целата своја генијалност, оставајќи ни наследство на кое не можеме да се доизначудиме и сега, кога знаеме дека да Винчи е (можеби) најголемиот човечки ум на сите времиња. Од собата по поводот се отстранети сите скелиња од последната реставрација, и посетителите од трибина поставена внатре може да ги видат откриените еднобојни цртежи во долниот дел на ѕидовите, таканаречениот монохром, како и многу сегменти од подготвителните цртежи кои се појавувале при отстранувањето на слоевите – што досега било резервирано само за очите на експертите.

„Под сенката на Моро …“, Замок Сфорца

Декорацијата осмислена од Леонардо вклучува стебла, гранки, листови, кои како да се пробиваат низ ѕидовите на просторијата, создавајќи илузија на отворен пејзаж. Оваа сменета перцепција на собата е фрапантна, особено имајќи предвид дека се гледа од (релативно) мала дистанца. Насликаните дрвја се дудинки (на италијански morus, од каде доаѓа прекарот на Лудовико Сфорца: Моро), што требало да покажат дека војводата владеел со Милано во цутот на развиената текстилна индустрија, особено производството на свила од свилените бубачки што се хранат со листови од дудинка.

Имерсивната мултимедијална инсталација на изложбата овозможува да се проследи како Леонардо го развивал концептот, во кој имитирајќи ја природата (и врз база на своите истражувања на анатомијата – особено на човечкото срце) осмислил да се види и препознае низ мрежата од дрвја што се згуснува на сводот во сложено испреплетена шара, територијата со која владеел Лудовико Сфорца …

Од мултимедијалната инсталација во La Sala delle Asse

По трагите на да Винчи скршнавме да ја видиме и изложбата „Леонардо3 – Светот на Леонардо“, во музејот на влезот во Галеријата Виктор Емануел II од страната на плоштадот на Ла Скала. „Леонардо 3“ (L3) е иновативен истражувачки центар со мисија да го проучува, интерпретира и прави достапно културното наследство преку употреба на авангардни, во рамките на центарот развиени методи и технологии. Овде под културно наследство главно се подразбира творештвото на Леонардо да Винчи презентирано преку виртуелни и физички интерпретации/модели на бројни машини дизајнирани од генијот, како и дигитални реставрации на негови слики или, на пример, на Атланскиот кодекс (Codex Atlanticus: 12-томната збирка цртежи и записи на да Винчи која се чува во миланската Амброзијанска библиотека – Biblioteca Ambrosiana).

„Механичка подморница“, „Леонардо3“

За погоре споменатиот печат што Леонардо да Винчи (во смисла на влијание) го оставил во Милано, извонредно сведоштво добивме во величествената Миланска катедрала (Duomo di Milano), со скулптурата „Свети Вартоломеј одран“, за која не стивнува интересот од нејзино поставување во 1562 година. Статуата го претставува христовиот апостол што маченички пострадал откако кожата му била одрана ‘на живо’. Она што фасцинира, ако се има предвид времето кога ја исклесал скулпторот Марко д’Аграте (ученик на Леонардо), е совршениот анатомски приказ на мускулите и крвните садови под одраната кожа што Свети Вартоломеј (во случајот) ја има префрлено преку рамената.

„Свети Вартоломеј“, Миланска катедрала

„Да винчиевскиот“ момент овде е што д’Аграте, во духот на својот учител, очигледно сецирал човечки трупови, а за да ги изложи своите откритија на фреквентно место како миланската катедрала се послужил со итрина – претставувајќи соодветен момент од житие на светител (што црквата не можела да го одбие или осуди), за што му помогнал и друг ренесансен гениј, а имено Микеланџело, кој претходно го портретирал апостолот Вартоломеј како си ја држи одраната кожа (на олтарната фреска „Страшниот суд“ во Систинската капела во Ватикан), и ваквиот иконографски приказ бил канонизиран. Меѓу посетителите, што во тој, 16 век, најдолго се задржувале пред „Свети Вартоломеј одран“, јасно – биле докторите, кои учеле од похрабрите во сецирањето во времето без фрижидери, а со инквизиција.

Нашата тура повеќе од соодветно ја завршивме во трпезаријата на доминиканскиот манастир Санта Марија деле Грацие (Santa Maria delle Grazie), но за да не бидеме банални, „Тајната вечера“ нема да ја наречеме десерт. Оние што ги интересира уметноста, веќе знаат сѐ за ова ремек-дело на Леонардо да Винчи, од генијалното планирање, до превидот на Мајсторот со иновацијата што требало да го спаси од роковите кои ги подразбирало сликањето на влажен малтер … Ние само ќе кажеме дека колку и да е сеприсутна оваа – една од најпрепознатливите светски слики (преку која може да се ‘претрча’ од овие причини); можноста да ја видиме во живо ни потврди дека Леонардо со „Тајната вечера“ (или „Последната“: Ultima Cena), колку и да е ѝ е оштетена состојбата, дошол до крајната граница на човечките можности во уметноста, преку кои може само Бог.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here