Видеоиграта што нетрпеливо ја очекуваме уште од најавата во 2016 година, амбицирана да ги помести границите на медиумот, Death Stranding на легендарниот Hideo Kojima, ќе излезе на 8 ноември годинава, потврди и вчера објавениот трејлер. Фасцинантен како и досегашните тизери, трејлерот иако открива по нешто (претседателката на САД во Овалната соба бара од главниот лик во играта, Sam Porter, да ја спаси иднината на Америка) и конечно содржи извесен гејмплеј (борба гради в гради), одново е загадочен (како тизерите).

Hideo Kojima и актерот Norman Reedus (од The Walking Dead, а во Death Stranding е Sam Porter ‘Bridges’) на крајот на април говореа на Tribeca Film Festival, но откако повторија дека се работи за акциска игра во отворен свет, не кажаа многу повеќе од тоа да очекуваме нешто подлабоко од обична ‘размена на оган’, со анти-воен и анти-нуклеарен контекст. Како што конкретно рече Kojima, Death Stranding, како и нам омилената франшиза од ‘таткото’ на „стелт“ игрите – Metal Gear, е метафора за она што ни се случува во реалниот живот.

Дополнителен „баз“, барем за нас, е што покрај Norman Reedus, во Death Stranding се појавуваат уште неколку нам омилени филмски ликови. Тука мислиме на актерот Mads Mikkelsen и режисерите Guillermo del Toro и Nicolas Winding Refn, додека другите ‘големи’ имиња се Léa Seydoux (Blue Is the Warmest Color), Margaret Qualley (The Leftovers), Troy Baker (популарен по појавувања во видео игри – Metal Gear Solid, Uncharted, BioShock).

Kojima/Mikkelsen

Mads Mikkelsen даде извесен увид во тоа за каква игра се работи, кога на Saudi Comic-con 2017 говореше за запознавањето со Hideo Kojima и за неговата улога во Death Stranding:

„Тој (Kojima) се обиде на многу детален начин да ми го предочи заплетот на играта, но сѐ е толку комплицирано што во еден момент се изгубив. Меѓутоа, истовремено бев заинтригиран да дознаам повеќе. Сега ми е голема чест што сум дел од таа приказна“, изјави Данецот, кој кога ја добил поканата од Kojima, воопшто не знаел колкава чест му е направена.

„Nicolas (Winding Refn) ми објасни кој е Kojima. Потоа го прашав и син ми, кој ми рече дека би бил луд ако би ја одбил можноста да работам со Kojima!“

Според она што досега се знае, поприштето на играта се Соединетите Американски Држави, збришани од феноменот наречен Death Stranding, а целта на ‘позитивците’ е да ја спасат Америка (светот?) поврзувајќи ги изолираните луѓе и градови (не случајно Sam Porter работи за компанијата Bridges = мостови). На патот им стојат и натприродни и ‘природни’ негативци, а им помага бебе (бебиња?) кое во тизерите/трејлерите се појавува де во стаклен контејнер, де во некое место во телото на Sam преку кое се доаѓа низ неговото грло (?!) …

„Се надевам дека низ искуството од играњето на играта ќе ја разберете вистинската важност на зацврстувањето на конекциите со другите“, се зборови на Hideo Kojima.

Death Stranding ќе излезе ексклузивно за PlayStation 4 и за „про“ варијантата на конзолата, a ќе може да се купи во четири верзии – Standard, Special, Digital Deluxe, Collectors. Преднарачките се во тек.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here