Околу милион видови растенија и животни се под закана да исчезнат поради климатските промени – многу од нив ќе ги снема веќе во текот на следниве декади – што е покатастрофална ситуација од кога и да е во историјата, вели извештајот објавен од Обединетите нации претходниот месец. Науката одамна алармира за овие закани, но не мал придонес даваат и уметниците во чиј фокус на работа се видовите во исчезнување.

Andy Warhol со серијата принтови „Загрозени видови“ од 1983 успеал да ја подигне свесноста за неопходноста да се зголемат напорите за заштита на животните под ваква закана, на начин што популацијата на одредени видови, како џиновската панда, американскиот муфлон и белоглавиот орел, доволно се зголемила за да не бидат веќе на листата загрозени.

Од циклусот „Загрозени видови“ на Andy Warhol

Актуелен ваков пример е и Alexandra Daisy Ginsberg, која дигитално го рекреирала последниот мажјак од северниот бел носорог, Судан, кој умре лани. Во отсуство на мажјак, двете преостанати женки ќе бидат последни од видот, а од смртта на Судан безуспешно се предлагаат контроверзни експериментални биотехнологии во кои за репродукција би се користел неговиот генетски материјал. Нејзиното дело „Заменикот“ (The Substitute), што е видео инсталација од дигиталното ‘враќање’ на носорогот Судан, е на програмата на Cooper Hewitt триеналето за дизајн, „Природа“ (отворено на 10 мај), за да посочи на заблудите што се случуваат кога луѓето вештачки се обидуваат да го рекреираат животот и да ја подвлече неможноста да се воскреснат изумрените видови (за целта во видеото сликата често се пикселизира, откако ќе го прикаже Судан како ‘живо’ се движи низ просторот во природна големина, произведувајќи и звуци земени од последниот пат кога бил аудио снимен, за што поверно имитирање на животот).

Пикселизираниот ‘Судан’

Друг проект на Alexandra Daisy Ginsberg е „Воскреснување на возвишеното“ (Resurrecting the Sublime) – имерсивна инсталација што го реконструира мирисот на исчезнати цвеќиња, како дивиот хавајски хибискус, користејќи зачувана ДНК.

„Сакам луѓето да се почувствуваат потресено, телесно да се поврзат со загубата на овие исчезнати цвеќиња и на северниот бел носорог, потсетувајќи се на нашата улога и соучество, па нека е и индиректно, во оваа загуба“, вели Ginsberg.

Уметникот, пак, и биолог од Луизијана, Brandon Ballengée, документира стотици други видови што се исчезнати. Во неговата серија „Рамките на отсуството“ (Frameworks of Absence), почната во 2006 година, тој ги сече сликите на изумрени видови животни од историските печатени материјали и илустрации, како од птицата додо, исчезната во 17 век, и видот на желка од архипелагот Галапагос, од осторовот Пинта, на која ѝ припаѓаше „Осамениот Џорџ“ кој умре во 2012.

„Загубивме над 40% од водоземците откако живеам на планетава, и накај 98% од популацијата на некои монарх пеперутки од деведесеттите наваму“, вели Ballengée.

Изумрените видови се предмет на сликарски интерес и на Alexis Rockman, а неговиот последен ангажман во контекстот е 5-метарскиот мурал за Научниот центар на Големите Езера во Кливленд, што прикажува полумртва риба (Sander vitreus vitreus) од некогаш ендемичен вид во регионот на Големите Езера, кој го нема од 1983. Рибата на која ѝ се гледа костурот, плива во реката Кајахога, толку загадена од индустриски и комунални отпадни води, што се запалувала повеќе пати.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here