Контроверзите околу најскапо продадената слика на сите времиња, „Спасителот на светот“ (Salvator Mundi), која му се припишува на Леонардо да Винчи, не само што не стивнуваат од нејзината продажба во 2017, туку и се зголемуваат во годината кога се одбележува половина милениум од смртта на ренесансниот Мајстор, особено во пресрет на изложбата што претендира да биде ‘главна’ на јубилејот, а ќе се отвори во октомври во Лувр (за проблемите на Лувр со обезбедувањето на „Спасителот на светот“ за споменатата изложба и за фамата што ја следи сликата чие најавено изложување во Лувр Абу Даби беше откажано без објаснување, прочитајте овде и овде)

Последниот случај го покажува размерот (изразен во многу пари) на ‘подметнувањата’ што ги прават (и) големите аукциски куќи особено кога „повторно откриваат“ дела на „старите мајстори“, како што „Кристис“ (Christie’s) го опиша „Спасителот на светот“: „Најголемо уметничко реоткритие на 21 век“.

Salvator Mundi

Имено, една од светските водечки експерти за да Винчи, Кармен Бамбах (Carmen Bambach), го оспорува припишувањето на Salvator Mundi на Леонардо, и тврди дека аукциската куќа „Кристис“, која ја продаде сликата за 450 милиони долари, при каталогизирањето на истата погрешно сугерирала оти таа (Бамбах) е меѓу научниците што застанале зад припишувањето.

Бамбах, која е кураторка во Метрополитен музејот на уметноста во Њујорк, во 2008 била меѓу експертите поканети од лондонската Национална галерија да ја види сликата, а во 2017, кога „Кристис“ ја продаде за рекордната цена, е наведена меѓу научниците чии „проучувања и испитувања … резултирале со широк консензус дека „Спасителот на светот“ е насликан од Леонардо“.

Кармен Бамбах ја истражува колекцијата цртежи од Микеланџело во Колеџот на Црквата на Христос во Оксфорд

Но, во четиритомната студија на Бамбах посветена на ренесансниот „универзален ум“ – „Леонардо да Винчи повторно откриен“ (Leonardo da Vinci Rediscovered), што ќе биде објавена на 25 јуни од издавачката куќа на универзитетот Јејл (Yale University Press), таа најголем дел од насликаното на платното Salvator Mundi му го припишува на асистентот на Леонардо, Џовани Антонио Болтрафио (Giovanni Antonio Boltraffio), а тврди дека одвај „мали корекции“ се направени лично од Мајсторот.

Кармен Бамбах за „Гардијан“ (The Guardian) вели дека се изненадила кога неодамна била контактирана од Националната галерија преку електронска пошта, со прашање дали се сложува нејзиното име да биде објавено меѓу експертите кои го виделе Salvator Mundi во 2008.

„Не сакав да одговорам зашто не сакам да бидам наведена меѓу луѓето кои велат „да“, зашто тогаш всушност и не бев прашања што мислам за сликата. Ако моето име е додадено на листата, тоа значи дека премолчно се сложувам со припишувањето на Леонардо. Но, јас не се сложувам“, изјавила Бамбах за британскиот весник.

„Leonardo da Vinci Rediscovered“

Директорот на огранокот на „ArtWatch“ во Обединетото Кралство (организацијата што врши надзор и поттикнува спроведување поквалитетни практики во реставрацијата на уметнички дела), Мајкл Дејли (Michael Daley), исто така се сомнева во основаноста на припишувањето на Salvator Mundi на Леонардо да Винчи. Според него, имејлот од Националната галерија до Бамбах значи „вознемирувачки развој (на ситуацијата)“.

„Ова сугерира дека или Националната галерија и натаму води кампања за да покаже оти има експертска поддршка за припишувањето, во време кога Лувр се мачи да обезбеди позајмици за големата изложба на Леонардо, или актуелниот борд на Националната галерија е вознемирен и бара разјаснувања за … природата на поранешните инволвирања на галеријата“.

Мислењето на Кармен Бамбах е базирано на бројни фактори, вклучувајќи ја и оригиналната состојба на сликата (пред реставрaцијата), која експертката ја видела „комплетно ‘соголена’“ додека била на раставрација во 2007. „Знам колку е оштетена сликата“, се зборови на Бамбах.

Но, за „Кристис“ нивната приказна (бизнис) со Salvator Mundi е завршена, или, како што изјавил портпаролот на аукциската куќа: „Припишувањето на Леонардо беше востановено скоро 10 години пред продажбата, на панел со десетина научници, и беше одново потврдено во времето на продажбата во 2017. Увидовме дека оваа слика е премет на енормно изнесување на мислења, но новите дискусии и шпекулации после продажбата во 2017, не предизвикаа преиспитување на нашата позиција“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here