Познатиот исландско-дански уметник Олафур Елијасон (Olafur Eliasson), лани, во Елмхулт, шведското гратче каде во 1958 била отворена првата продавница на IKEA, на годишниот настан што го организира шведскиот гигант во индустријата за мебел, Деновите на демократски дизајн, говореше за својот проект „Малечко Сонце“ (Little Sun). На настанот што се одржува под мотото дека добриот дизајн треба да ги комбинира формата, функцијата, квалитетот, (еко)одржливоста и ниската цена, Елијасон и IKEA го официјализираа партнерството за „инспирирање и истражување на нови начини за искористување на енергијата од Сонцето преку интелигентен дизајн, истовремено кревајќи ја свесноста за глобалната неопходност од пристап до енергија за сите“.

Овој нивен сон за ‘посветол’ свет се остварува под името Sammanlänkad, што на шведски значи „поврзани“.

Од серијата Sammanlänkad

Во соопштението од IKEA по поводот се вели дека логиката зад оваа серија „инспиративни секојдневни алатки каде обновливата енергија придонесува за одржлив и независен живот“, е едноставна: сите делиме исто Сонце, и сите треба да можеме да ја користиме неговата енергија/светлина, вклучително и ноќе, со помош на достапната технологија.

Олицетворение на оваа логика е проектот на Олафур Елијасон, „Малечко Сонце“ со кој се цели да се обезбеди светлина (светлината е една од клучните теми во творештвото на уметникот), во подрачјата од светот што не се електрифицирани, а која ќе може секој од тамошните жители да си ја приушти. Проектот е лансиран во 2012 година од уметникот, во соработка со инженерот Фредерик Отесен (Frederik Ottesen), во лондонски Tate Modern. Она што почнало како ‘скромна’ идеја да се креира малечка, пренослива ламба за луѓето без пристап до струја во Етиопија, сега е глобален проект што им ги сменил животите на над 2 милиони луѓе користејќи ја сончевата енергија.

Од серијата Sammanlänkad

Без или со минимален пристап до електрична енергија се над милијарда луѓе во светот, а овој проблем (во услови и на недостаток од чиста вода и комуникациски можности) ја отежнува и итната медицинска помош по заоѓањето на Сонцето; децата не можат да учат штом се стемни, како и работниците да работат таму каде што е неопходно осветлување. Лани, во рамките на проектот „Малечко Сонце“, 500.000 рачни ламби на соларна енергија беа дистрибуирани во потсахарска Африка на луѓе кои живеат без пристап до електрична енергија.

Од серијата Sammanlänkad

За серијата, пак, производи од соработката на Елијасон со IKEA, Sammanlänkad, што треба да се појави на пазарот во 2021, се развиваат соларни панели, докови за полнење, светилки … што треба да овозможат опции и за активен живот надвор од домовите.

„Сакаме да го поврземе светот делејќи ја енергијата на Сонцето за да промовираме одржлив начин на живот. Соработката со IKEA е голема можност за да се крене свесноста за пристапот до енергија и итната потреба од глобални решенија, додека компанијата истовремено работи со водечките светски дизајнери“, е изјава на уметникот.

Олафур Елијасон и „Малечкото Сонце“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here