Во време кога најчесто гледаме во екраните на мобилните уреди, производителите на истите веќе трета година ни нудат ‘бескрајни’ дисплеи (‘без рамки’; почнувајќи од април 2017 кога со Galaxy S8 Samsung го претстави „The Infinity Display“), за кога веќе таму ја бараме ‘стварноста’, илузијата да ни биде поуверлива – како да не ја гледаме на екран.

Сега, пак, Compass Pools, најголемата компанија во Обединетото Кралство за проектирање и изградба на базени за пливање, објави дека ќе го гради првиот во светот ‘бескраен’ базен на покрив, што ќе нуди 360-степенски поглед на Лондон.

Наречен Infinity London, овој базен ќе возглави облакодер висок 220 метри, со 55 ката, дизајниран, исто така, од Compass Pool. На погорните катови од зградата ќе биде сместен луксузен хотел, чии гости ќе имаат пристап до 600,000-литарскиот базен, а најголемиот технички предизвик за Compass Pools бил како капачите да стигнат до него, а притоа ни најмалку да не се скрати погледот од 360-степени …

„Нормално, едноставна скала би била доволна, но не сакавме ништо од надворешната страна на зградата или во базенот што ќе го упропастува погледот … Решението базирано на врата од подморница, поврзана со ротирачки спирални скали што се креваат од дното на базенот кога некој сака да влезе или да излезе, е апсолутен врв во дизајнот на базени што би го задоволило и Џејмс Бонд“, се зборови на дизајнерот и основачот на Compass Pool, Alex Kemsley.

Локацијата каде ќе се гради Infinity London сѐ уште не е потврдена, а реализацијата ќе стартува најрано во 2020, во зависност од брзината со која ќе се договараат партнерите и изведувачите на проектот.

Базенот ќе биде изграден од акрилна пластика што ја пренесува светлината во водата со слична бранова должина како стаклото, односно ветува беспрекорна проѕирност, а транспарентно ќе биде и дното (на базенот), овозможувајќи поглед одоздола на пливачите и преку водата до небото … и обратно.

На височина од над 200 метри ветрот може да биде проблем, па неговата брзина ќе се мери со вграден анемометар, поврзан со компјутерски контролиран систем за менаџирање на објектот, што ќе се грижи водата во базенот секогаш да ја има посакуваната температура, како и да не истекува долу на улиците.

Нормално, ваквиот „хај-тек“ проект е и на соодветна еколошка висина, па системот за греење на базенот ќе ја користи отпадната енергија од климатизерите во зградата, односно топлиот воздух што го создаваат „еркондишните“ додека разладуваат.

Предноста на овој проект во однос на сличните, Alex Kemsley ја објаснува со одлуката на Compass Pool прво да го осмислат базенот, па потоа неговото ‘постоље’:

„Архитектите често ни доаѓаат со барања да им издизајнираме ‘бескрајни’ покривни базени, но проблемот е што идејата за таков базен им доаѓа откако веќе ќе ја испроектираат зградата. За разлика од нас, кои овој проект го почнавме со дизајнот на базенот, па си рековме: „Како да ставиме зграда под него?“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here