„Историја. Можеме ли да се повикаме на овој застарен термин?“, прашува во својот есеј напишан по повод 75-годишниот јубилеј на средното уметничко училиште во Скопје, поранешниот професор и директор на истото, Жарко Јакимовски, пред да заклучи дека „кога сме дел од неа (од историјата), секогаш чувствуваме оти сме сред неа, во дијалогот со оние пред нас и со оние кои допрва ќе дојдат“.

Јакимовски понатаму, врзувајќи ја смислата на постоењето на училиштето со можноста јасно да се измери и оцени создаваното низ децениите, со гордост констатира: успеавме.

Основата на причините зошто овој јубилеј на средното уметничко училиште е суштествено голем, не поради ‘голата’ респектабилност на долгата низа години постоење, ја дава во своето обраќање академикот и, исто така, поранешен професор во училиштето, Газанфер Бајрам, споменувајќи два врзани факти: „Уметничкото училиште „Лазар Личеноски“ било и останало единствено од ваков вид во Македонија“, и „низ ова училиште поминале безмалку сите имиња што нешто значат во ликовната уметност во Македонија“. Во прилог Бајрам ги наведува Никола Мартиноски, Димо Тодоровски, Вангел Коџоман, Јордан Грабулоски, Димитар Кондовски, Боро Митриќески, Васко Ташковски, Петар Хаџи Бошков (сите членови на МАНУ), Димитар Пандилов, Борко Лазески, Миле Корубин …

И самото одбележување (во петокот, 7 јуни) беше достојно на големината на јубилејот. На големата изложба по повод 75-годишницата од основањето на училиштето со свои дела учествуваа и професорите, заедно со учениците; се одржа и модна ревија на креации на ученици од одделот за дизајн на текстил, под менторство на професорката Лила Грабул, а публиката во преполнетиот двор на училиштето ја забавуваше музичката група Day Off – The Next Generation …

„Ова училиште не е само образовна институција, туку многу повеќе. Ова училиште е голем македонски бренд. Голема семејна куќа на нас, уметниците, обвиткана со патините и тајните на минатото … Тука се оформува супстратот, тука се всадува магијата и се учи занаетот. Тука се пренесуваат вештините на креирањето уметност од генерација на генерација. И не само тоа. Тука се всадува припадност – припадност во нашето големо уметничко семејство“, рече во воведното обраќање на настанот директорот на (со цело име) Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“, Димитар Филиповски.

Ученикот на „јубилејната“ генерација

Тој му ја додели наградата за извонредниот дизајн на логото за 75-годишниот јубилеј, на ученикот од четврта година на одделот за мултимедија, Марко Печеновиќ, како и на ученикот (првенецот) на генерацијата што годинава завршува во средното уметничко училиште, Мишо Стојановски. Последниот, кој директорот Филиповски го претстави како „неуморно дете кое секојдневно патуваше и никогаш не застана, на релација Куманово-Скопје“, го изненади својот професор Сашо Барјактаров, подарувајќи му слика (портрет на професорот што го направил Стојановски).

Следи галерија од изложбата на делата на дел од професорите …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here