На њујоршки суд адвокати на Фондацијата за визуелни уметности на Енди Ворхол (Andy Warhol Foundation for the Visual Arts) и на фотографката Лин Голдсмит (Lynn Goldsmith, една од првите жени – рокенрол фотографи), деновиве одново се соочиле во случајот чиј предмет е серија од 16 принтови од 1984 година на најпознатиот поп-арт уметник, на кои е прикажан музичарот Принс (Prince).

Во случајот што трае повеќе од две години, Голдсмит тврди дека Ворхол копирал нејзина фотографија на Принс од 1981, повредувајќи го нејзиното авторско право.

Првиот, превентивен потег на ворхоловата фондација против тврдењето на Голдсмит во 2017, беше обвинувањето дека таа се обидува да уценува. Но, фондацијата сега бара декларативна пресуда (судот премолчно да каже дека обвинителот неосновано бара право), со која би се утврдило дека Ворхол не го повредил авторското право на фотографката.

Ова е случај кој ги отвора комплицираните прашања што ја тангираат уметноста, како што е тука сопственост, и во кој момент може да се каже дека почнува крадењето на истата? Дали Ворхол ја реконструирал сликата на Голдсмит или ја копирал? И како секоја од страните може да ја докаже својата позиција?

Принс на Голдсмит / И на Ворхол

Аргументот пред судот на одбраната на Ворхол е дека колку и да изгледаат слично, репрезентирањата на Принс направени од Голдсмит и од уметникот починат во 1987, служат за различни цели.

„Енди Ворхол зема слики на луѓе, стоки (материјални добра) и компании, за да нѐ натера да се соочиме/спротивставиме на начинот на кој ги консумираме, Ние не го консумираме Принс како личност или икона, туку консумираме слика“, е изјава на адвокатите на ворхоловата фондација дадена пред судот. Судијата се сложил со ова, вадејќи поента дека ако двете слики (на Голдсмит и на Ворхол) би биле поставени една до друга, „просечен човек би покажал кон едната и би рекол: Еј, ова е Ворхол! Значи дека тоа е негово уметничко дело“.

Адвокатите на двете страни дебатирале за „заштитените елементи“ на фотографијата на Голдсмит – формалните аспекти на тоа што се креативни избори, како осветлувањето, палетата бои, аголот … Според адвокатите на Ворхол, делото на нивниот клиент е различно од она на фотографката од сите овие аспекти. Приговорот на страната на Голдсмит бил дека делото на Ворхол се појавило во „Венити фер“ (Vanity Fair) во 1984, што според нив значи дека можеби било направено и за во печатен медиум, со што судот не се сложил, истакнувајќи дека Принс на Ворхол е првенствено уметничко дело што не е наменето за медиумска употреба. Адвокатите на Голдсмит забележале дека сепак делото на Ворхол е базирано на изворот од нивната клиентка …

Како и да е, двете страни побарале од судијата да донесе сумарна пресуда, и да одлучи во корист на Фондацијата или на фотографката, без натамошна расправа. Пресудата се чека …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here