Фото: Влатко Костовски

Насловот на овој текст ‘му дојде’ и ни го сугерираше самиот Илија Ико Каров. Мислејќи ‘на прва’ во буквална смисла на тоа дека сега се претставува како кучкар кој живее на село и носи гумени чизми поради природното ѓубре кое лесно се мие со млаз вода. А во преносна смисла дека во гумените чизми влегол за да избега од контаминацијата на градот што ја загубил својата природа, креирајќи си на село „затвор“ во кој чувствува најголема слобода донкихотовски да се бори за критериумот на културата во земјава, што пак значи „мокрење спроти ветрот“, за што одново добро му доаѓаат високите водоотпорни обувки.

„Сѐ што ни се случува во градот, вклучително и на урбанистички план, е одраз на конфузноста во која моментално се наоѓа Македонецот. Мали општества како нашево немаат генерации за жртвување. Големите, како Америка или Европската унија, имаат простор и за неколку пати да ја ‘утнат манџата’. А ние не смееме да си дозволиме да ја ‘утнеме’. Ние и ‘намирници’ веќе немаме. Нам целата младина ни се спакува – за интелектуалната младина зборувам. А во едно општество не е само интелектуалната младина. Од друга страна, во Скопје сега полесно можеш да најдеш добар кардиолог, отколку добар мајстор или чистачка за дома. Сѐ е отселено. Сите слоеви. Тие што останаа и се трудат да направат нешто се некои романтични ликови како од Сервантес; една донкихотовска армија што се бори не само со ветерници, туку и со самиот ветар. А таа борба се објаснува со српското „пишање уз ветар“, после која остануваш мокар, односно, единственото нешто што ќе го направиш е да се испопрскаш по панталоните и кондурите, а ако си бос, како сега во лето, во ‘апостолки’, и по нозете ќе се испомокриш“, вели Илија Ико Каров.

И треба да му се верува на зборот на овој подвижник на ‘словото’ кој долго го трошел дарот (за зборот, за словото) во градот, низ форми што барале многу давање, а враќале само со пари и напади на анксиозност, пред да почне да го користи (талентот) како суштина, во која конечно се нашол себеси.

„Светот се наоѓа пред еден голем, многу интересен праг. И јас барам одговори. Старите, класичните филозофи, сите тежнееле кон апсолутно познание, апсолутна филозофија, која во голема мера била метафизичка, односно духовна. Подоцнежните филозофи почнуваат да се занимаваат со нешто сосем друго, што сакаат да го викаат поприземјено, ‘поупотребливо’, но јас ќе го употребам терминот спуштено. Во смисла, нешто што било возвишено е спуштено. Прашањата ми се до модерниве филозофи на денешницава – зашто Платон, Аристотел, Кант … се дрзнувале да чепнат во забранетата боја од палетата; да го објаснат моралот, етиката; да му дадат некаков облик, слика. Ниту еден од модерниве филозофи не се труди на мојата потреба за знаење, на мојот дух, да им даде одговор дали е возможно љубовта, моралот и добрината да бидат реобликувани? Целиот поход на овој социоексперимент што се спроведува во светот, кој веќе не е во својата зора, туку во изгрејсонцето, е базиран на потребата моралот, добрината и љубовта да бидат реобликувани.“

Ико Каров, како културен патриот, живо го интересираат ефектите на овој процес во земјава:

„Не може геј парада да биде тест за демократијата во Македонија. Ова го кажувам при моја максимална поддршка за квир, транссексуалната, трансродовата (…) популација, меѓу која имам многу лични пријатели. Ние сме традиционално општество и негувањето на традицијата не е никакво зло. Не можеш да береш јаболка ако едно дрво нема крошна, надолу стебло, а под земја и корен. Уште нема лабораториски начин за создавање јаболка. Лабораториските социјални експерименти се погубни за малите општества како нашето“, смета тој.

Ние, Карови, знаеме само приказни да кажуваме – ништо повеќе, но ниту помалку

Кај Илија Ико Каров умешноста со зборот е семејно наследство кое во неговиот случај го ‘активирал’ до степен да стане рефлексна реакција на секоја дразба на духот, наставникот Лазо во основно школо.

„Доаѓам од семејството Карови, родум од Кавадарци. Од семејство на словото – директен внук сум на Илија Каров; внук сум и на Трајко Каров, на Лазо Каровски, а ќе го споменам и Славчо Каровски, кој по карактер бил многу сличен на мене, но не го објавувал никогаш тоа што го пишувал – сѐ уште стојат по подруми неговите стихови и проза. Значи, словото кај нас има многу голема традиција. Ние, освен приказни да кажуваме, и не знаеме ништо повеќе да правиме. Ама ниту ништо помалку. А љубовта кон пишувањето ми ја породи во основно наставникот по македонски, Лазо. Беше строг, и ако зборуваш на час, казнуваше со задача повеќе пати да препишеш четиво. Јас отсекогаш бев ‘јак на уста’, па со тие казни „Читанката“ не знам колку пати ја имам препишано. Лазо толку го разбуди словото во мене, што пишувањето веќе ми стана патологија.“

Од промоцијата на „Приказната за човекот што ги прекрши сите ветувања“

По Лазо, Ико Каров спомена и неколку ликови од фазата на средното образование кои одиграле важна улога во формирањето на неговиот светоглед.

„Во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, естетиката без себештедење ми ја предадоа еден Жарко Јакимовски, еден Газанфер Бајрам, иако лично не ми предаваше; Лира Грабул во чија класа бев, а не смеам да ја испуштам ниту Светлана Камџијаш која сега предава на факултет; една многу спиритуална жена која мене ми ја трасираше смерноста на духовноста во животот, и ме осмели да трагам по тој дел од мене …“

Следи приказната за тоа како Ико наместо да продолжи на ликовна академија, завршил на режија …

„Сакав да студирам вајарство , но за едно место не ме примија во Прага, и фала му на Бога, зашто ќе останев недоискажан. Далеку од тоа дека ликовната уметност не дозволува човек да се искаже, ама јас сум дефинитивно човек од словото. А оттука се собравме добра екипа, по снег во Прага: Васко Тодоров алијас Тошо Малер, татко ми Бубо Каров, мајка ми и јас; кој не сум разбрал дека на приемен се бараат фотографии од скулптури, па товарени во колата ни беа и пет скулптури излиени во гипс. И сите одиме – ќе го запишуваме Ико на факултет во Прага; ама Ико погоди статива, не даде гол, па сега планираме да се запишува во Софија на вајарство. И не знам кој, откако се вративме во Скопје, во К-15 донесе многу добро црвено вино. Останавме така во канцеларија јас и Бранко Огњановски алијас Миле Паника. И Бранко ми вика: Цело време устата ти џвака жила, што ќе правиш ако отидеш на вајарство, недоискажан ќе останеш? Така, еден од поголемите виновници што јас станав ова што сум денес е Бранко Огњановски, кој ми удри една скретница на шините – не ваму, таму; откако прво ме опушти, ме ‘анестезираше’ со добро црвено винце.“

И додека го студирал својот прв факултет по режија во Бугарија (на втор бил и овде), каде како на студент со највисок просек му дозволиле истовремено да ги земе првите две години одеднаш, К-15 добиле голем проект – кампања за поддршка на оформувањето на судството во Косово …

„К-15 работеа со Милош Радовиќ, синот на Душко Радовиќ, страшно добар режисер, кој во тој момент не беше слободен. Бараа друг режисер, Србин, но никој не сакаше да прифати да режира за Косово. Па, решија да се ‘коцкаат’ со некој млад. Јас бев дојден од Бугарија и во канцеларија седеа продуцентот на К-15, Томе Ангеловски, и тројката Бубо, Тошо и Миле. И Томе им вика: Штом се коцкаме на некој млад, зошто не на Ико? Бубо беше против, но Васко пресече – ти ќе режираш. За проектот се реновираше ентериерот во Офицерскиот дом во Битола, во МНТ малата сцена … се работеше за реклами со по 300-400 статисти. Сериозно големи реклами. Тогаш првпат во животот се судрив со анксиозноста. Јас сум одговорен човек по природа, а тогаш знаев и дека се коцкаат на мене. И ова мое прво професионално искуство во рекламата помина одлично, иако беше ‘огнено крштевање’.“

Следел период во кој Ико Каров бил „класично замајан“ од маркетингот, „од неговата брзина, динамика со многу луѓе и контакти, еуфорија“ … Од интензивната работа на полето како референца се останати 17 страници со реклами во неговото CV. Понатаму почнал да го режира и шоуто К-15, а во 2009 година кампањата на „Меккен“ во која учествувал („Провери ги“; за зголемување на свесноста за ракот на тестиси и информирање на машката популација како навремено да го откријат евентуалното заболување) ги добила сите награди за маркетинг. Набрзо на покана на еден од приватните универзитети почнал да предава како гостин, пред да се случи телефонскиот повик од кој почнала кариерата на Ико Каров во политичкиот маркетинг.

„Ми се јави, тогаш не се познававме, Дашмир од „Арберија дизајн“. Кога се видовме ми кажа дека ја добил конвенцијата на ДУИ за локалните избори 2013, и сака сработеното да биде ‘бомба’, најдобро што може да се направи. Тогаш вторпат почувствував анксиозност, кога ја видов сцената колкава е, а првпат режирав сцена. Но, испадна топ.“

Следната 2014 следеле парламентарни и претседателски избори, по чие распишување „за пола саат се јавија 5 политички партии и еден претседателски кандидат“.

„И јас, екстремно бизарен – како што ме дал Господ, и тоа го прифатив. И го сработив. Морам да го спомнам Антонио Ивановски, најдобриот другар од детството, кој ми беше главна поддршка тогаш, како асистент и извршен продуцент. Ја издржав оваа ‘симултанка’ и после тоа се најдов толку празен; тука ја почувстував првата празнина во животот; зашто ‘безобразно добрата’ работа што се бара од маркетинг креативците добро е фатена во паролата на „Меккен“ – „Добро кажана вистина“, што е еуфемизам зад кој стои прашањето: ѝ треба ли шминка на вистината?“

Следела фазата во која прекинал да режира сцени, но останал ‘во бизнисот’ како тренер по јавно говорење …

„И пак мигрирав. Толку навлегов во политичкиот маркетинг што, да не спомнувам на колку имиња (на политичари и на претседатели на невладини организации) им бев „коуч“ за јавни настапи. Мигрирав од режисер во комуниколог. И како комуниколог имав супер резултати. Тоа и до ден-денеска знам добро да го работам – не пишувам говори, но сеанса комуниколошка, да. Направив мој систем – комбинација од пристапите на неколку луѓе кои спроведувале тренинг за јавно говорење; зборувам од старите филозофи до Дејл Карнеги. И тој мој хибрид многу добро функционираше.“

фото: Габриел Стибел

Нашата денешна голодушност нѐ направи нација на фасада, на стиропор …

„Целата моја потрага по самотијата е филтрирање од сите овие години поминати во маркетингот. Сфатив дека истиот премногу ме контаминираше. Се немав ниту обидено долги години да ставам нешто на хартија, како проза и поезија. А пропаганда пишував интензивно“, ни кажа Илија Ико Каров во делот од разговорот со кој навлеговме во неговата конечна миграција, просторно ориентирана во неговата куќа во Волково. И веднаш ја истакна „многу големата улога за целта“, односно поддршката од неговата сопруга Марија.

„Не е лесно во денешно време да ти дојде сопругата и да ти рече: Следи го сонот – остави ги сигурните приходи или запрашај се дали си спремен еден ден пред да легнеш во ладните прегратки на земјата да сфатиш дека не си го пробал тоа што стварно си бил ти. Ѝ кажав дека мене за такво нешто ми треба тотален преод. Прво, ми треба да го напуштам Скопје, за да ми избледи вкусот на таа ‘торта’, и ми треба да створам едно мое микро општество. И овој преод ми се случи нагло – како пресечено со нож.“

Врзувањето со еден од главните симболи на оваа конечна етапа од неговиот живот – што e македонското овчарско куче – караманот, му се случило набрзо по преселувањето во Волково. На кружниот тек во Ѓорче Петров, Ико Каров го сретнал својот добар пријател, кинолошкиот судија Габриел Стибел, од кој ја земал првата кучка караманка, која немало кој да ја чува.

„Ја земав караманката и се приклучив на бандата што се бори за признавање на караманите. Па, после 2-3 години интензивно дружење со овие луѓе, тогашниот претседател Влатко Костовски, после 13 години успешно водење на клубот, ми кажа дека членството на новото собрание (на клубот) предлага јас да бидам претседател. Караманите се многу сериозна етапа од мојот живот која мислам дека никогаш нема да прекине. Моментално кај мене имам 20 карамани. Центарот на клубот, неговата канцеларија, е во мојот двор.“

Средство за чистење од маркетингот му било свртувањето кон филозофијата и книжевноста. Одново ги пронашол Достоевски, Чехов, Булгаков …

„Зашто маркетингот уште долго не тлееше, туку гореше во мене. Сѐ гледав низ таа призма. Виц кога ми кажуваа јас веднаш во глава го адаптирав како комуниколог. Тогаш почна да се буди вистинскиот Ико. Кој знае што сака во животот. Кој трага по смислата на животот, на постоењето, наместо по заработувачката. Овој Ико во една димензија е многу понепродуктивен, но во една друга е многу попродуктивен.“

Годинава Илија Ико Каров го издаде романот „Приказната за човекот што ги прекрши сите ветувања“, што е всушност втор дел од трилогија, од која првиот го завршува во моментов.

Говорејќи за романот, објасни зошто сме се претвориле во „нација на фасада“:

„Се обидовме да направиме нова атракција од Скопје. „Воинот на коњ“, кој така го брендиравме – ова го имам во романот спомнато – протагонистот кога првпат шета и првпат е соочен со едно општество надвор од лабораторијата каде што е растен, за него тоа изгледа грандиозно. Но, коментарот на гласот од позадина, на нараторот на книгата, вели дека тоа што нему (на протагонистот), со неговото оскудно познавање на културата и уметноста му се чинело грандиозно, е веројатно зашто и самиот идеен творец на проектот имал искуство со културата колку и овој човек кој првпат доаѓа во општеството. Потенцирам дека овде не зборувам за политика. А на само неколку километри од Скопје, го имаме Водно, Нерези, и фреската Оплакување Христово, која светски историчари на уметноста ја сметаат за предвесник на ренесансата. Ние имаме брендови од светски цивилизациски формат, како Охрид, Плаошник, првиот словенски универзитет … И ова ни беше малку, а тоа што го направиме ни е доволно?! Нашата денешна голодушност нѐ направи нација на фасада, на стиропор, а всушност не сме тоа, и мора една работа да ни биде јасна – дека носиме индивидуална одговорност, без која нема општествена одговорност.“

Ико Каров е свесен дека кога погонот за културата ќе се сведе на ентузијазам, на љубов; на некој ‘непоправлив’ оптимизам, тоа не може да функционира на долги стази. Но, …

„Јасно ми е дека со празен стомак тешко се размислува за убавото. Но, уметноста не мора да е убава, како впрочем и животот. Со ставот ‘убаво’ се купуваат завеси за дома, за да одговараат со другиот мебел. Уметноста не е должна да биде убава. Зошто во немањето услови да се види шанса? Ниедна преродба не била поплочен пат. Секогаш ја изведувале духовни револуционери во дупнат кајак на брзи води, знаејќи дека по 2 километри следи голем водопад кој ќе те ‘спљушти’ долу.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here