„Големата Одалиска“, Енгр

Вообичаено е претворањето на книжевно дело во филм; книга да биде инспирација за музика и обратно; слика за книга и обратно … Но, благодарение на новата соработка на Лувр со експерти од индустријата за парфеми, и со сетилото за мирис ќе може да се восприемат ликовни уметнички дела.

Најголемиот музеј на светот ги ангажирал парфимерите Ramdane Touhami и Victoire de Taillac од компанијата Officine Universelle Buly, да селектираат осум нивни колеги за исто толку специјализирани задачи за целта. Имено, секој од осумте парфимери добил целосна слобода да избере дело од колекцијата на музејот кое најдобро може да го „преведе“ во уникатен парфем. „Карт бланшот“ важел и во однос на изборот на мирисните ноти и на цената на состојките на парфемот.

„Нимфата со скорпија“, Бартолини

„Врвните носови“ избрале да бараат мирисни еквиваленти на познатата хеленистичка скулптура на божицата на победата, „Ника од Самотраки“, потоа на „Милоската Венера/Афродита од Милос“, на „Разговорот во парк“ на Томас Гејнсборо, на „Капачката“ (La Baigneuse Valpinçon) на Енгр (Жан Огист Доминик) и на „Големата Одалиска“ (La Grande Odalisque) од истиот сликар на неокласицизмот; на „Заклучувањето“ (Le Verrou) на Жан-Оноре Фрагонар, на „Јосиф дрводелецот“ на Жорж де ла Тур, и на „Нимфата со скорпија“ од Лоренцо Бартолини.

Продажбата на парфемите – „преводи за носот“ на овие осум дела – ќе почне на 3 јули во продажно место близу Лувр, и ќе биде временски ограничена до јануари 2020.

Една од ангажираните парфимери, Германката Daniela Andrier (меѓу чии креации се „Knot“ на Bottega Veneta, „Envy for men“ на Gucci, „Eau de Parfum“ на Tiffany), вели дека за неа „Капачката“ на Енгр била очигледен избор, а Andrier е и таа што во односниот дискурс го вовела терминот „преведувач“:

„Ги гледам парфимерите како преведувачи, способни да ја трансформираат бојата, светлината или текстурата во мирисна нота“, се нејзини зборови.

„Заклучувањето“, Фрагонар

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here