Големиот Фјодор Михајлович Достоевски во бисерот на „Браќа Карамазови“ – епизодата за Големиот инквизитор, раскажува што би му се случило на Христос кога би се вратил во светот не како судија „со сила и голема слава“ од Второто доаѓање, туку сега (во случајот во 16 век), смирен како кога го проповедал Евангелието. Би бил уапсен (во случајот од инквизицијата, сфатена како широк метафорски израз) и прашан „зошто дојде да ни пречиш“ откако ни ја предаде власта?

Њујоршкиот уметник Jonathan Monaghan, без намерни религиозни импликации (и, секако, без да претендира на генијалност на увидот како од „Големиот инквизитор“), се свртува кон митологијата на апокалипсата за да ги отслика прашањата/проблемите на денешницата, односно, како што самиот вели, „користејќи ги древните симболи веќе асоцирани со крајот на светот, ја коментирам нашата растечка зависност од технологијата и нашите материјалистички опсесии“.

Во неговата видео инсталација „Од бездната“ (Out of the Abyss), инспирирана од Откровението на Светиот Јован Богослов, барокен храм лета, но не со натприродна сила, тука со помош на дронови; на куполата има уреди со антени што ‘фаќаат сѐ’, а на фризот ЛЕД-екран на кој се вртат бројки од берзански индекс – сето ‘во облаци’ … На ‘престолот’ во храмот (на кој во Откровението седи Бог, а во инсталацијата престолот е корпоративно брендиран „Алфа & Омега“) е сместено суштество „облечено“ во тапацирана луксузна еко-кожа, со глава во форма на ротирачки потсечен конус на кој се вртат таблети (таблет компјутери), а од која излегува јагнето со седумте рога и седумте очи; во случајов роботизирано, со седум надзорни камери наместо очи, и виолетов јога-мат обесен на ‘рамото’ …

„Дигиталната ера е парадоксална – нуди многу нови можности за креирање и поврзување, но, во исто време може да отуѓува, и, исто така, носи потенцијално смртни еколошки последици. Уметниците низ времето се свртувале кон митологијата на апокалипсата за да ги отсликаат прашањата/проблемите на своето време, и јас почнав со проучување на делата на Албрехт Дирер, Вилијам Блејк, Одилон Редон … Симболите асоцирани со апокалипсата, во контекстот на денешницата се реимагинирани – четирите јавачи и јагнето со седум очи се направени ‘поатрактивни’ со камери за видео надзор, селфи стапови, луксузни патики, органски торби за пазарење, јога подлоги (матови) и опрема за протести. Користејќи ги овие древни симболи веќе асоцирани со крајот на светот, ја коментирам нашата растечка зависност од технологијата и нашите материјалистички опсесии“, ја објаснува Monaghan инспирацијата за „Од бездната“ во интервју за It’s Nice That.

Препознатлив и по извонредниот рендериринг на неговата уметност, њујорчанецот претставуван од bitforms gallery е меѓународно признат уметник кој изложувал и во Ермитаж и на филмскиот фестивал „Санденс“.

„Моите анимации ги замислувам како уметнички објекти, дури не и како филмови. Чувствував како уметноста да е начин да се истражи нашата често презаситена и неодржлива врска со технологијата. Конкретно, „Од бездната“ се состои од снимка со „камера“ на соновидни опкружувања што реферираат на сѐ – од модерната конзумеристичка култура до барокната архитектура. Како архитект виртуелно дизајнирам простори и опкружувања, и потоа ги „филмувам“. Исто така го креирам осветлувањето и материјалите што изгледаат фотореалистично. Ова го правам намерно – извесната ‘измазнетост’ на моите дела; кои како парче поп-арт ја присвојуваат комерцијалната ‘сјајност’, карактеристична за рекламите.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here